Крави во Крива Паланка: државно стадо што никој не го прибира

Агенцијата за храна и ветеринарство пред две години нареди стадото да им се одземе на сопствениците, но одлуката никогаш не беше спроведена. Сега светските медиуми ја раскажуваат иронијата: држава што увезува месо и млеко нема план што да прави со илјада свои крави

Кравите во Крива Паланка слегуваат од ридовите главно ноќе и ги пасат градините, овоштарниците и посевите во 34 околни села, како што пренесуваат медиумите. Пред неколку години стадото броело околу 400 грла, а денес ги има над илјада. Приказната за нив во последните денови ја објавија медиуми од Бостон до Австралија.

Најапсурдниот дел е прашањето на сопственоста. Агенцијата за храна и ветеринарство уште во 2024 година наредила стадото да им се одземе на тројцата сопственици. Според градоначалникот на Крива Паланка, тоа значи дека кравите правно се во сопственост на Агенцијата, но одлуката никогаш не била спроведена. Еден од сопствениците минатата година бил обвинет и приведен поради попречување на одземањето. Подоцна бил ослободен, откако инспектор на Агенцијата сведочел дека тој не го попречил процесот.

Минатата година дел од животните угинале во близина на главните извори од кои градот се снабдува со вода, што претставува ризик од загадување. Кравите излегуваат и на патот кон Бугарија, често по мрак. Тоа го покажуваат и снимките што ги објави „Еуроњуз“. Постои и друга, помрачна страна на приказната. Жители од едно приградско маало изјавиле за АП дека некои налутени луѓе ги тепаат кравите, а во одделни случаи и ги колат. Така, проблемот на земјоделците станува и прашање на заштита на животните.

Според АП, според сегашните цени на добитокот, стадото вреди меѓу 385.000 и 610.000 долари. Дел од жителите предлагаат државата да ги продаде кравите по пристапни цени, за луѓето да можат да ги купат и да се грижат за нив. Тие ја посочуваат и иронијата: земја во која, според АП, најмалку третина од населението живее во сиромаштија, увезува млеко, месо, зеленчук и овошје, додека над илјада грла добиток шетаат без надзор.


Градоначалникот побара од Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба. Според него, таа би обезбедила пари и ресурси за трајно решение. Општината формираше и локален кризен штаб, бидејќи, како што вели градоначалникот, нема законско овластување сама да ги прибере животните. Во саботата жителите повторно излегоа на мирен протест и побараа решение.

е-Трн да боцка во твојот инбокс