Хрватскиот фудбалски шампион Динамо Загреб и неговата клупска фондација „Нема предаје“ соопштија дека дел од приходот од претстојниот натпревар од плејофот во Лигата на шампионите против норвешкиот Викинг ќе го донираат за помош на луѓето во подрачјата погодени од катастрофалните пожари во Далмација. Мечот се игра во вторник на стадионот Максимир.
Клубот од Загреб хуманитарната акција ја наслови „Сино срце за погодените од пожарите“ и упати поддршка до сите што се борат со огнената стихија на терен.
„Додека нашите мисли и чувства на благодарност се со храбрите противпожарни екипи кои неуморно се борат со пожарите во Далмација, како и со сите луѓе погодени од нив, Динамо и фондацијата ‘Нема предаје’ одлучија да помогнат“, објавија од клубот.
Од Динамо потврдија дека директно ќе насочат дел од средствата од продажбата на билетите кон погодените подрачја и упатија апел до сите поддржувачи да бидат дел од оваа иницијатива.
„Ги повикуваме сите членови и навивачи во вторник да го исполнат Максимир, да ѝ дадат поддршка на нашата екипа и со своето присуство да бидат дел од оваа заедница и гест на солидарност за оние на кои тоа им е најпотребно“, стои во соопштението на клубот.
Клубот упати благодарност до сите кои деноноќно учествуваат во локализирањето и гаснењето на пожарите во Далмација.