Русија изврши ракетни напади врз Киев: Пријавена е една загината жртва, погодени магацини и инфраструктура

Во украинската престолнина се запалиле магацински објекти во Дарницкиот реон, а остатоци од ракета паднале во дворот на станбен комплекс. Москва соопшти дека погодила и воени и енергетски објекти во неколку украински области

Најмалку едно лице загина во руски ракетен напад врз Киев, соопшти градската воена администрација. Градоначалникот на украинската престолнина, Виталиј Кличко, информираше дека во Дарницкиот реон биле погодени магацински објекти, по што избувнал пожар. Остатоци од ракета паднале и во дворот на станбен комплекс во Днепровскиот реон.

Кличко ги повика жителите да се засолнат и да ги следат упатствата на надлежните служби.

Москва тврди дека погодила воени и енергетски објекти

Руското Министерство за одбрана утринава соопшти дека руските сили извршиле напади врз украински воени објекти и енергетска инфраструктура во Киевската и Днепропетровската област. Според руското министерство, цел биле и пристанишни објекти и пловни објекти во Одеската област, за кои Москва тврди дека ги користат украинските вооружени сили.

Во соопштението се наведува дека нападите биле изведени со прецизно оружје и беспилотни летала. Руската страна тврди дека биле погодени и украински претпријатија за производство и складирање беспилотни летала со голем и среден дострел.


Овие наводи се соопштени од руското Министерство за одбрана, без независна потврда за обемот на штетата и погодените цели.

е-Трн да боцка во твојот инбокс