Го основа Црвениот крст и ја освои првата Нобелова награда за мир: приказната за Анри Динан

Анри Динан, првиот добитник на Нобеловата награда за мир, починал на 30 октомври 1910 година во швајцарското гратче Хајден. Идејата што ја оставил зад себе, дека помошта им припаѓа на сите, без оглед на која страна се борат, денес е поважна од кога било.

Во јуни 1859 година младиот женевски бизнисмен Анри Динан патувал во северна Италија со надеж дека ќе се сретне со францускиот император Наполеон III и ќе добие поддршка за своите деловни планови во Алжир. Наместо со императорот, се соочил со последиците од битката кај Солферино, една од најкрвавите битки во 19 век, по која илјадници ранети војници со денови лежеле без вода, храна и лекарска помош. Динан останал во соседното гратче Кастиљоне, ги организирал локалните жители, пред сè жените, да ги негуваат ранетите и инсистирал подеднакво да им се помага на француските, италијанските и австриските војници. Жените од Кастиљоне ја повторувале реченицата „Tutti fratelli“ — сите се браќа.

Три години подоцна Динан ја објавил на свој трошок книгата „Спомен од Солферино“, во која не само што ги опишал ужасите на бојното поле, туку предложил и нешто ново: доброволни организации за помош во секоја земја и меѓународен договор што ќе ги заштити ранетите и оние што им помагаат. Идејата брзо одекнала низ Европа. Во 1863 година во Женева бил основан комитетот што подоцна ќе стане Меѓународен комитет на Црвениот крст, а веќе следната година била потпишана првата Женевска конвенција.

Потоа дошол падот. Деловните потфати на Динан во Алжир пропаднале, а во 1867 година женевски суд го прогласил за одговорен за банкротот. Во калвинистичка Женева тоа значело општествена смрт. Тој морал да ја напушти организацијата што ја основал, како и градот, па годините што следеле ги поминал скитајќи низ Европа, често без пари, а понекогаш и спиејќи на улица. Поголемиот дел од јавноста го заборавил.

Во 1887 година се населил во Хајден, мало гратче над Боденското Езеро, а од 1892 година живеел во локалната болница, во скромна соба. Таму, во 1895 година, го пронашол новинарот Георг Баумбергер, чиј текст за заборавениот основач на Црвениот крст бил препечатен низ цела Европа. Шест години подоцна, во 1901 година, Анри Динан ја добил првата Нобелова награда за мир, која ја поделил со францускиот пацифист Фредерик Паси. Наградата не ја потрошил на себе. Парите ги оставил за добротворни цели, а остатокот од животот го поминал во истата болничка соба во Хајден, каде што починал на 30 октомври 1910 година. Според сопствената желба, бил погребан без церемонија.


Денес национални друштва на Црвениот крст и Црвената полумесечина постојат во речиси сите држави во светот, а денот на раѓањето на Динан, 8 мај, се одбележува како Светски ден на Црвениот крст. Но неговото најважно наследство не е самата организација, туку принципот што таа го чува: ранетиот е ранет без оглед на униформата, болницата и брзата помош не смеат да бидат мета, а помошта не прашува на која страна си. Во време кога во војните се гаѓаат болници, хуманитарни конвои и медицински персонал, тој принцип звучи помалку како историја, а повеќе како барање за кое постојано мора повторно да се изборуваме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс