Каде работат и колку создаваат над 400 илјади работници во Македонија?

Фабриките и трговијата ангажираат речиси половина од работниците и генерираат најголем дел од прометот и додадената вредност.
Фото: Pix4free

Вкупно 428 235 вработени во 70 843 деловни субјекти во Македонија во 2025 година оствариле промет од 2 226 478 милиони денари и создале бруто-додадена вредност од 522 087 милиони денари, покажуваат претходните структурни деловни статистики на Државниот завод за статистика. Најголемиот дел од деловната активност и работните места остануваат концентрирани во фабричките погони и трговските дуќани.

Македонската економија во 2025 година бележи изразен расчекор меѓу секторите каде што најбрзо циркулираат парите и секторите што создаваат нова материјална вредност. Трговијата на големо и на мало реализираше најголем промет од 860 943 милиони денари, што претставува 38,7 отсто од вкупниот бизнис промет во државата.

Преработувачката индустрија е втора по остварен промет со 544 567 милиони денари (24,5 отсто), но таа е убедлив предводник во создавањето бруто-додадена вредност со 136 790 милиони денари или 26,2 отсто од целиот деловен сектор. Трговијата учествува со 20,0 отсто во додадената вредност, со остварени 104 538 милиони денари.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат изразена структурна концентрација. Покрај преработувачките капацитети и трговската мрежа, значаен економски удел задржува и градежништвото. Градежните фирми генерирале 52 467 милиони денари додадена вредност, односно точно 10,0 отсто од вкупната сума.

Информациско-комуникацискиот сектор, кој ги опфаќа телекомуникациите, компјутерското програмирање, консултантските и другите информатички дејности, оствари додадена вредност од 47 881 милион денари или 9,2 отсто учество. Заедно, овие четири дејности генерираат над 65 отсто од вкупната бруто-додадена вредност на пазарноориентираните субјекти во земјата.

Преработувачката индустрија претставува најголем поединечен работодавач во земјата со 111 149 вработени лица распоредени во 8 172 активни претпријатија. Веднаш зад неа е секторот на трговијата на големо и мало, каде што работат 91 463 лица во вкупно 19 542 регистрирани субјекти.


Овие два сектора заедно обезбедуваат егзистенција за 202 612 лица, што претставува 47,3 отсто од сите 428 235 вработени опфатени со структурните статистики. Останатите работни места се распределени низ градежништвото (31 454 вработени), транспортот и складирањето (30 115), како и стручните и техничките дејности (25 709). За трошоци за вработените во сите сектори во текот на 2025 година деловните субјекти издвоиле 281 093 милиони денари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс