Дигиталната лична карта служи само како трик за пред пријатели, институциите не ја признаваат

Полицијата бара пластични документи на увид, а за примена на новата апликација допрва ќе се чекаат законски измени во Собранието.

Дигиталната лична карта и возачката дозвола на мобилен телефон засега нема да важат при редовните полициски контроли или на шалтерите на институциите. По лансирањето на државната апликација м.Услуги, граѓаните сè уште мора да ги носат физичките пластични картички со себе за да избегнат казни. За дигиталните документи во мобилниот паричник да добијат реална правна сила во секојдневниот живот, Министерството за дигитална трансформација допрва најавува законски измени.

Иако новата апликација овозможува повлекување на податоците од личните документи директно во паметниот телефон, тој приказ нема законска тежина пред сообраќајната полиција или полициските патроли. Доколку полициски службеник побара идентификација, покажувањето на екранот од телефонот засега не претставува легитимна исправа. Граѓаните кои нема да ги носат со себе физичките пластични картички ризикуваат казни според важечките одредби за лична карта и безбедност на патниот сообраќај.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на презентацијата на апликацијата м.Услуги потврди дека за признавање на дигиталните верзии се неопходни правни корекции. Потребно е Собранието да усвои измени во Законот за личната карта и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за телефонот да стане целосна замена за паричникот со пластични картички. Претстои период на институционално прилагодување и опремување на теренските служби пред софтверот да стане функционална алатка во практиката.


Овој расчекор меѓу техничката промоција и правната реалност создава конфузија кај граѓаните. Наместо олеснување на бирократијата, новата апликација во првата фаза функционира само како дигитална демонстрација без практична вредност пред јавната администрација. Без соодветни читачи кај теренските службеници и без законска обврска за нивно прифаќање, дигиталниот паричник останува некомплетен сервис.

е-Трн да боцка во твојот инбокс