Како проветруваат Германците во зима, а не ја губат топлината

Во Германија постои едноставна зимска навика што помага да се спречат влагата, мувлата и непотребното губење топлина.

Наместо прозорците со часови да стојат подотворени, Германците применуваат метод на кратко и интензивно проветрување, кој трае само пет минути.

Со почетокот на грејната сезона, прозорците во домовите сè почесто остануваат затворени, а воздухот постепено станува тежок и застоен. Во исто време, на стаклата се појавува кондензација, а во аглите на просториите може да се создаде влага и мувла.

Германците имаат едноставно решение за овој проблем. Се нарекува „Stoßlüften“, што во превод значи кратко, интензивно проветрување.

Наместо прозорецот да остане подотворен со часови, тој целосно се отвора на неколку минути, по што повторно се затвора. На тој начин воздухот брзо се обновува, додека ѕидовите и мебелот задржуваат поголем дел од акумулираната топлина.

Пет минути се доволни во најстудените месеци

Според препораките на германската советодавна организација co2online, во текот на зимата станот треба да се проветрува три до четири пати дневно.

Времетраењето зависи од надворешната температура и годишното време.

  • Декември, јануари и февруари – околу 5 минути.
  • Ноември и март – околу 10 минути.
  • Октомври и април – од 15 до 20 минути.
  • Летните месеци – до 30 минути, зависно од условите.

Германската агенција за животна средина, Umweltbundesamt, исто така посочува дека во студените зимски денови и пет минути можат да бидат доволни за ефикасна размена на воздухот.

Уште подобар ефект се постигнува кога истовремено ќе се отворат прозорците на спротивните страни од станот. Овој метод се нарекува „Querlüften“, односно вкрстено проветрување.

Зошто прозорецот не треба да остане „на кип“?

Многумина сметаат дека постојано подотворениот прозорец е подобро решение бидејќи свежиот воздух влегува постепено.

Но, германските експерти предупредуваат дека во зима токму оваа навика може да предизвика непотребно губење топлина.

Кога прозорецот со часови стои подотворен, просторот околу него постепено се лади. На студените површини полесно се создава кондензација, што може да доведе до појава на мувла.

Затоа се препорачува кратко, но целосно отворање на прозорците. За време на проветрувањето, греењето привремено се намалува, а по затворањето на прозорците се враќа на вообичаената температура.

Предноста е во тоа што воздухот брзо се заменува, додека ѕидовите и мебелот не стигнуваат значително да се изладат.

Најмногу влага се создава додека спиеме, готвиме и се тушираме

Дури и кога не забележуваме, секојдневните активности внесуваат значителни количества влага во воздухот.

Дишењето, потењето, готвењето, туширањето и сушењето алишта во затворен простор придонесуваат за зголемување на влажноста.

Особено е важно проветрувањето на спалната соба наутро. Во текот на ноќта, преку дишењето и потењето, луѓето ослободуваат водена пареа која се задржува во просторијата.

По туширање или готвење, влагата треба што побрзо да се отстрани со проветрување или со соодветна вентилација. Притоа, вратите од бањата и кујната е пожелно да останат затворени за влажниот воздух да не се прошири низ целиот дом.

Колкава треба да биде влажноста во станот?

Оптималната релативна влажност на воздухот во домот најчесто се движи меѓу 40 и 60 проценти.

Кога влажноста подолго време е висока, се зголемува ризикот од создавање мувла, особено на студените ѕидови, околу прозорците и зад мебелот.

Наједноставен начин за следење на влажноста е користење хигрометар, мал уред што ја мери количината на влага во воздухот.

Германските препораки вклучуваат и одржување соодветна температура во сите простории. Дури и собите што поретко се користат не треба целосно да се остават без греење, бидејќи на студените површини полесно се создава кондензација.

Како ориентир, температурата во таквите простории не би требало да паѓа под околу 16 Целзиусови степени.

Мал трик што може да направи разлика во сметките за греење

Методот на германско проветрување не значи дека домот воопшто нема да изгуби топлина. Секоја размена на топол внатрешен воздух со студен надворешен воздух подразбира одредена загуба на енергија.

Сепак, краткото и интензивно проветрување може да биде поефикасно од постојаното држење подотворени прозорци, бидејќи се избегнува долготрајно ладење на површините во просторијата.

Ова е особено корисно во становите каде што се појавува кондензација на прозорците или влага во аглите.


Наместо цел ден да чуваме затворени прозорци од страв дека ќе ја изгубиме топлината, германската практика покажува дека неколку минути правилно проветрување можат да придонесат за поздрав воздух, помалку влага и поефикасно користење на греењето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс