Во голем број општини не е исполнета законската обврска за формирање совети за превенција на детско престапништво. Во дел од општините такви тела воопшто нема, во други постојат, но не се активни, додека само мал дел ги спроведуваат предвидените активности.
Ова е еден од главните проблеми наведени во Годишниот извештај за 2025 година на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца, презентиран на 27 октомври.
Претседателката на Советот, Гордана Лажетиќ, порача дека формирањето на локалните тела треба да биде основа за постојана превенција, а не само формално исполнување на законската обврска.
„За нивното функционирање неопходни се финансиски средства, годишни програми за работа и активна вклученост на локалните институции“, рече Лажетиќ.
Недостиг на пари за превенција на детско престапништво
Во извештајот се наведува дека недостигот од средства во општинските буџети е една од главните пречки за работата на советите. Државниот совет бара градоначалниците, општинските совети и Градот Скопје да обезбедат услови за нивно формирање и континуирано функционирање.
Се препорачува локалните совети да подготвуваат годишни програми и да добијат поддршка за спроведување на планираните активности.
Државниот совет предлага и измени на Законот за локалната самоуправа, со кои појасно би се утврдиле надлежностите на градоначалниците и општинските совети во однос на овие тела.
Дел од судовите не доставиле соодветни податоци
Извештајот укажува и на проблеми при следењето на примената на Законот за правда за децата. Според Советот, во 2025 година од одредени судови не биле доставени податоци, а од други биле доставени несоодветни или нерелевантни информации.
Затоа се бара подобра соработка меѓу институциите и навремено доставување квалитетни податоци. Таквите информации се потребни за да се следат состојбите и да се планираат мерки за заштита на правата и интересите на децата.
