Американски професор: Студентите во Србија заслужуваат Нобелова награда за мир

Студентското движење во Србија покажа дека суштински политички промени можат да се постигнат со ненасилно дејствување, оцени американскиот професор и експерт за конфликти Едвард П. Џозеф. Според него, студентите за своите напори заслужуваат Нобелова награда за мир.

Во анализа објавена во списанието „Форин полиси“, предавачот на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ ги издвои дисциплината, упорноста и организацијата на студентите во текот на речиси две години протести и притисоци. Неговите ставови ги пренесува Н1.

Џозеф смета дека еден од клучните фактори за широката поддршка на движењето била воздржаноста на студентите и нивната определба за мирен отпор, вклучително и во моменти кога биле изложени на провокации и напади.

Како важни обележја на движењето ги посочи и соработката и колективното одлучување. Според него, студентите вниманието го насочиле кон пошироки општествени прашања и успеале да воспостават врски со граѓани во големите градови, но и во помалите места низ Србија.

Професорот ги издвоил долгите пешачки маршеви, велосипедските тури и состаноците како дел од вложениот труд. Тој оценил дека студентите не се откажале од учество во изборниот процес, туку избрале да предложат кандидати од различни професии и области.

Оценката на Џозеф доаѓа по победата на Студентската листа на вонредните парламентарни избори во Србија на 25 октомври. Движењето се разви по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, кога загинаа 16 луѓе.


Во анализата, Џозеф повика и на унапредување на односите меѓу Србија и нејзините соседи, како и на посилен ангажман на Европската Унија и Соединетите Американски Држави во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс