Светски ден за борба против мозочниот удар: 5 знаци што можат ви го да спасат живот

Во Македонија секоја година има околу пет илјади нови случаи, а невролозите предупредуваат дека болеста сè почесто ги погодува и младите

Секоја минута без соодветен третман за време на мозочен удар, мозокот губи околу два милиони нервни клетки. Затоа лекарите велат дека кај мозочниот удар „времето е мозок“, а Светскиот ден за борба против мозочниот удар, кој се одбележува на 29 октомври, секоја година ја испраќа истата порака: препознајте ги знаците и веднаш повикајте итна медицинска помош.

Бројките во Македонија покажуваат дека ова не е далечен проблем. Секоја година во земјава има околу 5.000 нови случаи на мозочен удар, со што спаѓаме во земјите со средна инциденца, од 200 до 300 мозочни удари на 100.000 жители. Невролозите со загриженост забележуваат дека пациентите се сè помлади. На Клиниката за неврологија, за млади пациенти се сметаат лицата помлади од 50 години, а во последните две години нивниот број е зголемен. Најмладата пациентка е 16-годишна девојка.

Кај многумина, последиците се трајни: кај 30 до 40 проценти од пациентите остануваат парализа, нарушувања на говорот, проблеми со памтењето или физичка попреченост. Невролозите укажуваат и на проблемот со пристапот до навремен третман. Недостигот од возила за итна медицинска помош и персонал во помалите градови придонесува за доцнење, а секој изгубен час ги намалува шансите за целосно закрепнување.

Мозочниот удар настанува кога ќе се прекине протокот на крв до дел од мозокот. Тоа најчесто се случува поради згрутчување што затнува крвен сад, односно при исхемичен мозочен удар, или поради пукање на крвен сад и крвавење во мозокот, односно при хеморагичен мозочен удар. Според Светската организација за мозочен удар, секоја година во светот се регистрираат повеќе од 12 милиони нови случаи. Мозочниот удар е втора најчеста причина за смрт и една од водечките причини за трајна попреченост. Едно од четири возрасни лица ќе доживее мозочен удар во текот на животот, но голем дел од случаите може да се спречат со контрола на факторите на ризик.

За полесно препознавање на симптомите, лекарите го користат правилото познато на англиски како BE FAST, кое ги опфаќа петте клучни предупредувачки знаци. Првиот е губењето на рамнотежата — ненадејна вртоглавица, несигурно одење или неможност да се стои стабилно. Вториот се промените во видот, како нагло заматување, двојно гледање или губење на видот на едното или на двете очи. Третиот е искривувањето на лицето, кога едната страна паѓа, а насмевката станува асиметрична. Четвртиот е слабоста во рацете, кога лицето не може да ги крене двете раце подеднакво или едната рака нагло ослабува и паѓа. Петтиот е нарушувањето на говорот нејасно или заплеткано зборување, како и неможност да се разбере што зборуваат другите.

Ако се појави кој било од овие знаци, важна е секоја минута: веднаш повикајте итна медицинска помош на 194 и запомнете кога точно започнале симптомите, бидејќи од тоа зависи кој третман може да се примени.

Брзината е клучна затоа што најефикасните терапии имаат ограничен временски прозорец. Кај исхемичниот мозочен удар, во првите три до четири и пол часа од почетокот на симптомите може да се примени интравенска тромболиза, терапија со лек што го разградува тромбот. Механичкото отстранување на згрутчувањето, пак, може да се примени во одредени случаи, во зависност од времето што поминало од почетокот на симптомите и од наодите на снимањето. Колку побрзо пациентот стигне во болница, толку се поголеми шансите за преживување и за избегнување потешки последици.


Подеднакво важна е превенцијата. Високиот крвен притисок е најзначајниот поединечен фактор на ризик, а меѓу другите се пушењето, дијабетесот, високиот холестерол, неправилниот срцев ритам, физичката неактивност, прекумерното консумирање алкохол и прекумерната телесна тежина. Редовното мерење на крвниот притисок, контролата на хроничните заболувања и навремените лекарски прегледи се едни од најважните чекори што секој може да ги преземе за да го намали ризикот од мозочен удар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс