Пред 215 години излезе „Разум и чувствителност“ на Џејн Остин

Првиот роман на Џејн Остин бил објавен на 30 октомври 1811 година со потписот „од една дама“. Анонимноста не била само скромност, туку правило на светот во кој жената писателка требало да остане невидлива.

Кон крајот на октомври 1811 година лондонскиот издавач Томас Егертон го пуштил во продажба романот во три тома „Разум и чувствителност“. На насловната страница немало име, туку само кратката ознака „By a Lady“, односно „од една дама“.

Авторката, триесет и петгодишна ќерка на свештеник од Хемпшир, ќе остане непозната за пошироката јавност до крајот на животот. Џејн Остин починала во 1817 година, а нејзиното име јавно било поврзано со романите дури во краткиот биографски запис што нејзиниот брат Хенри го напишал за постхумното издание на „Опатијата Нортенгер“ и „Убедување“.

Патот до првата книга бил долг. Првата верзија на романот, напишана во средината на 1790-тите во форма на писма, се викала „Елинор и Маријана“. Остин ја преработувала со години, а кога конечно нашла издавач, условите не биле нималку поволни: книгата била објавена на ризик на авторката, која требало сама да ги покрие загубите доколку не се продаде. Но книгата се продала. Првото издание било распродадено до 1813 година и ѝ донело околу 140 фунти, првите пари што ги заработила со пишување. Следниот роман, „Гордост и предрасуди“, повторно бил објавен без име, потпишан само како дело „од авторот на Разум и чувствителност“.

Зошто анонимност? За ќерка од угледно семејство, пишувањето романи за пари не се сметало за пристојно занимање, а самиот роман сè уште важел за помалку вреден жанр, литература што ја читале жените и што не се земала сериозно. Семејството знаело што пишува Џејн, но таа пишувала во заедничката дневна соба, на мали листови хартија што можеле брзо да се скријат кога ќе влезе гостин. Според сеќавањата на нејзиниот внук, вратата што крцкала никогаш не била поправена, бидејќи ја предупредувала дека некој доаѓа.

Во тоа има одредена иронија, бидејќи „Разум и чувствителност“ е токму роман за жени без моќ. Сестрите Дешвуд по смртта на татко им остануваат без дом, затоа што имотот, според законот и семејниот договор, му припаѓа на машкиот наследник. Бракот во нивниот свет не е само прашање на чувства, туку и на опстанок. Авторката што не смеела да го потпише своето дело пишувала со остра иронија за општество во кое жените не можеле слободно да располагаат ниту со сопственото име, ниту со сопствената иднина.

Остин не била исклучок. Неколку децении подоцна, сестрите Бронте ги објавиле своите први песни и романи под имињата Карер, Елис и Ектон Бел, а Шарлот подоцна објаснувала дека избрале имиња што не го откриваат полот, затоа што знаеле дека критиката им пристапува на жените авторки со предрасуди. Мери Ен Еванс станала Џорџ Елиот за да биде читана сериозно. Дури и во наше време, издавачот на првата книга за Хари Потер побарал авторката да се потпише со иницијали, од страв дека момчињата нема да купуваат книга напишана од жена.


Денес ликот на Џејн Остин е на британската банкнота од десет фунти, нејзините романи се преведени на десетици јазици и постојано се адаптираат за филм и телевизија. Но приказната за „една дама“ без име потсетува дека признанието дошло доцна и дека книжевната историја е полна со жени што морале да се кријат за воопшто да бидат прочитани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс