„Не можам да останам неутрална“: Зошто Кристин Лагард, најмоќната жена во европските финансии си заминува девет месеци порано?

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, ја објави оставката, која ќе стапи на сила на 7 февруари. Жената што беше прва министерка за финансии во земја од Г7, прва на чело на ММФ и прва на чело на ЕЦБ вели дека сака да биде слободна да зборува и за прашања што одат подалеку од каматните стапки.

Кристин Лагард во четвртокот ја објави оставката од функцијата претседателка на Европската централна банка, ставајќи крај на повеќемесечните шпекулации за нејзината иднина, во момент кога Европа влегува во период на зголемена економска нестабилност и политичка поделеност. Оставката ќе стапи на сила на 7 февруари, иако нејзиниот осумгодишен мандат требаше да трае до 31 октомври 2027 година. Во кратко видео објавено на социјалните мрежи, Лагард рече дека заминува со чувство дека зад себе остава добро завршена работа и дека ЕЦБ е подготвена за иднината. Според извор присутен на средбата, додека им ја соопштувала одлуката на колегите по дводневната седница, неколкупати ја совладале емоциите додека ја читала пораката.

Причината ја објасни на прес-конференција, која остана во сенка на одлуката на банката да ја задржи референтната каматна стапка на 2,5 отсто, и покрај годишната инфлација од 3,8 отсто, поттикната од високите цени на нафтата. Лагард рече дека сака да се ослободи од обврската за политичка неутралност што ја носи функцијата, за да може јавно да зборува за прашања важни за Европа и пошироко. Не откри каде планира да продолжи, но со месеци се шпекулира дека ја чека Светскиот економски форум.

Времето на заминувањето, сепак, не е случајно. Нејзината оставка им овозможува на европските лидери да изберат наследник пред претседателските избори во Франција следната година. Тоа значи дека Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц ќе имаат клучен збор во изборот, пред евентуалниот пораз на францускиот центар од крајната десница. Меѓу најчесто споменуваните кандидати се поранешниот гувернер на холандската централна банка Клас Кнот и Шпанецот Пабло Ернандес де Кос, генерален директор на Банката за меѓународни порамнувања. Бидејќи од банката си заминуваат и главниот економист Филип Лејн и членката на Извршниот одбор Изабел Шнабел, која преминува во ММФ, Европа ја очекува сложена политичка спогодба за распределба на три клучни позиции.

Лагард е родена во 1956 година во Париз, а израснала во Авр, во семејство на професори. Како тинејџерка била членка на француската национална репрезентација во синхроно пливање, искуство што подоцна често го споменувала како школа за издржливост и дисциплина, но и за умешноста да се насмевнуваш додека под водата работиш со сета сила. Татко ѝ починал кога имала 17 години. Студирала право, двапати не успеала да се запише на елитната француска Национална школа за администрација, од која произлегува голем дел од француската политичка елита, па кариерата ја градела во приватниот сектор. Во меѓународната правна фирма „Бејкер и Мекензи“ стигнала до самиот врв и во 1999 година станала првата жена на чело на нејзиниот глобален управен одбор, со седиште во Чикаго.

Во политиката влегла во 2005 година како министерка за надворешна трговија, а во 2007 година, по краток престој во ресорот за земјоделство, станала министерка за економија и финансии. Била првата жена на таа функција во која било земја од групата Г7. Токму таа година започнала глобалната финансиска криза, а Лагард станала едно од најпрепознатливите европски лица во преговорите за спасување на банките, а потоа и на еврозоната. Во 2011 година, по аферата што го собори Доминик Строс-Кан, ја презела функцијата генерална директорка на Меѓународниот монетарен фонд, повторно како прва жена на таа позиција. Во 2019 година го наследила Марио Драги и станала четвртиот претседател на ЕЦБ, вториот од Франција и првата жена на чело на банката.

Нејзините успеси се поврзуваат пред сè со кризите. Во ММФ ги водела програмите за Грција, Португалија, Ирска и Украина, а инсистирала Фондот да зборува за нееднаквоста, родовата еднаквост и климатските промени како економски прашања – теми што дотогаш ретко се слушаа од Вашингтон. Во ЕЦБ, по незгодниот почеток во март 2020 година, кога нејзината изјава дека задачата на банката не е да ги намалува разликите во каматните стапки на државните обврзници ги вознемири пазарите, брзо ја свртела ситуацијата со огромна програма за купување обврзници за време на пандемијата. Таа програма помогнала да се одржи еврозоната на нозе. Под нејзино водство, банката за првпат ги вклучила климатските ризици во својата стратегија и го започнала проектот за дигитално евро.

Нејзините неуспеси се исто толку видливи. Програмите за Грција, во кои ММФ учествуваше како дел од таканаречената тројка, наметнаа сурови мерки на штедење, а самиот Фонд подоцна призна дека го потценил нивното влијание врз економијата. Во ЕЦБ, најголемите критики се однесуваат на инфлацијата во 2022 година: банката долго тврдеше дека растот на цените е привремен и почна да ги зголемува каматните стапки подоцна од многу други централни банки, кога инфлацијата во еврозоната веќе се приближуваше до двоцифрени бројки.

Најтемната точка во нејзиното досие, сепак, е аферата „Тапи“. Во 2016 година, францускиот Суд на правдата на Републиката ја прогласи за виновна за небрежност, бидејќи како министерка за финансии дозволила арбитражна постапка со која бизнисменот Бернар Тапи добил повеќе од 400 милиони евра од државата. Судот не ѝ изрекол казна, ниту осудата била заведена во нејзиното досие, а ММФ ѝ ја потврдил довербата.

Пазарите речиси и не реагираа на веста, а дел од аналитичарите оценија дека ЕЦБ веќе изградила углед што ги надживува нејзините лидери. Тоа можеби е и најголемиот комплимент за жена што со децении беше „прва“ на места до кои жените дотогаш тешко стигнуваа. Лагард е мајка на двајца синови, долгогодишна вегетаријанка и, според повеќегодишните ранг-листи на „Форбс“, редовно се наоѓа меѓу најмоќните жени во светот.


Сега, кога ја напушта функцијата што бара политичка неутралност, останува да видиме што точно сака да каже и кому.

е-Трн да боцка во твојот инбокс