„Марсовците напаѓаат!“: радиоемисијата на Орсон Велс што стана една од најголемите медиумски легенди

На 30 октомври 1938 година, Орсон Велс ја претвори научнофантастичната приказна во лажни вести што звучеа застрашувачки реално. Речиси еден век подоцна, приказната за масовната паника сè уште се повторува – иако вистината е многу посложена.

Вонземјани напаѓаат ,експлозии на Марс. Метеор паѓа во Њу Џерси…Огромни машини уништуваат сè пред себе… Не е сценарио за нова холивудска блокбастер-филмска продукција, туку радиоемисија што пред речиси 90 години влезе во историјата како една од најпознатите приказни за моќта на медиумите.

Вечерта пред Ноќта на вештерките во 1938 година, американската радиомрежа Си-би-ес ја емитувала редовната неделна програма „Меркјури театар на етерот“. Дваесет и тригодишниот Орсон Велс и неговата трупа го адаптирале романот „Војна на световите“ од Х. Џ. Велс, но наместо класично раскажување, сценаристот Хауард Кох ја претворил драмата во серија итни вести.

Музичката програма постојано ја прекинувале извештаи за необични експлозии на Марс, за метеор што паднал кај фармата Гроверс Мил во Њу Џерси и за марсовски машини што со топлински зраци уништуваат сè пред себе. Измислената инвазија добила форма на вонредна информативна програма – со прекини, извештаи и тон што звучел како да се случува вистинска катастрофа.

Паниката што стана легенда

Следното утро „Њујорк тајмс“ објавил дека радиослушателите паничеле, верувајќи дека драмата е вистинита. Слични наслови се појавиле низ целата земја. Се раскажувало за луѓе што бегале од домовите, за преполни болници и за телефонски линии преоптоварени од повици.

Така се родила приказната за ноќта во која Америка наводно полудела од страв поради напад од Марс. Со децении таа се повторувала како доказ дека медиумите можат да ја натераат јавноста да поверува во речиси сè. Но, има еден проблем: масовната паника можеби никогаш не била толку масовна.

Подоцнежните истражувања покажуваат многу посложена слика. Огромното мнозинство Американци таа вечер слушало друга, попопуларна радиоемисија, а анкета на агенцијата на Клод Хупер, спроведена во тоа време, покажала дека само мал процент од домаќинствата воопшто ја следеле драмата на Велс.

Дополнително, на почетокот и во паузата на програмата имало јасни најави дека станува збор за фикција. Дел од слушателите навистина се исплашиле и се јавувале во полицијата и во редакциите, но речиси и да нема докази за масовно бегство на луѓе од домовите или за улици преполни со исплашени граѓани. Историчарот А. Бред Шварц, кој ги проучувал писмата што слушателите ги испраќале по емисијата, заклучува дека реакциите повеќе укажуваат на вознемиреност и збунетост отколку на колективна хистерија.

Кога весниците ја преувеличија приказната

Зошто тогаш приказната за масовната паника станала толку популарна?

Едно од објаснувањата е и деловно. Радиото во тоа време им одземало на весниците публика и рекламни приходи. Приказната за неодговорен медиум што го плаши народот била корисен аргумент во борбата за довербата на јавноста. Иронијата е очигледна: весниците ја користеле приказната за опасностите од медиумските дезинформации, а притоа можеби и самите ја преувеличиле вистината.

Со други зборови, приказната за лажните вести станала вест што и самата можеби била претставена погрешно.

Речиси еден век подоцна, истата лекција

Оваа годишнина не е важна само затоа што една радиоадаптација успеала да ги натера некои слушатели да поверуваат во измислена инвазија. Таа покажува колку формата влијае врз начинот на кој ја доживуваме информацијата. Кога нешто звучи како итна вест, кога е раскажано со авторитетен тон и кога недостасува контекстот, границата меѓу фикцијата и реалноста може лесно да се замагли.

Денес истиот механизам функционира преку исечени видеа, лажни снимки од екранот, манипулирани фотографии и содржини создадени со вештачка интелигенција. Брзината со која се споделува некоја информација често ја надминува брзината со која се проверува.

Но, приказната за Орсон Велс носи и друга, понепријатна лекција за медиумите: не е доволно само да се разобличуваат туѓите лаги. Потребна е и подготвеност да се преиспитаат сопствените наслови, тврдења и сензационалистички приказни.


Митот за паниката опстојувал речиси еден век затоа што бил повозбудлив од вистината. А понекогаш, токму тоа е најголемиот проблем: не мора сите да поверуваат во измислена приказна за таа да стане дел од колективната меморија. Доволно е таа да се повторува доволно долго.

е-Трн да боцка во твојот инбокс