Најмалку десет луѓе загинаа, а над 100 се повредени во руски напад со балистички проектили врз собир на украинската одбранбена индустрија, на полигон покрај автопатот Житомир во близина на Киев. Податокот го соопшти обвинителот Руслан Кравченко, откако претходно претседателот Володимир Зеленски објави пониски бројки без да ја наведе локацијата.
Советникот на претседател Серхиј „Флеш“ Бескрестнов изјави за Kyiv Independent дека настанот се одржувал на полигон кај автопатот Житомир, во близина на Киев, и дека меѓу учесниците има загинати и повредени. Зеленски подоцна на социјалните мрежи објави дека загинале најмалку шест луѓе, а „повеќе десетици“ се повредени, без да наведе каде се случил нападот. Главниот државен обвинител Руслан Кравченко потоа ги ревидираше податоците: најмалку десет загинати и над 100 повредени.
Портпаролот на Украинското воено воздухопловство, полковник Јуриј Игнат, изјави дека се потврдени три испукани проектили, од кои противвоздушната одбрана пресретнала само еден. Игнат посочи дека Русија располага со поголеми залихи на проектили и дека ги користи и дење и ноќе, и потсети дека масовните собири во вооружените сили на Украина се забранети од безбедносни причини.
Кравченко потврди дека Обвинителството води истрага по член 438 од Кривичниот законик на Украина, кој се однесува на кршење на законите и обичаите на војување. Паралелно е отворена постапка и по член 367 став 3, поради можна несовесна работа при организацијата на настанот. Тој изјави дека истрагата ќе утврди кој донел одлука за одржување на настанот, кој ја одобрил локацијата, времето и форматот, и дали безбедносните ризици биле правилно проценети.
Украинскиот Совет за одбранбена индустрија соопшти дека нападот погодил локација каде биле присутни претставници на украинската одбранбена индустрија, но нагласи дека самиот Совет не учествувал во организацијата. Изразија сочувство кон семејствата на загинатите и апелираа граѓаните да не објавуваат фотографии, геолокациски податоци или информации за вклучените компании, поради безбедноста на луѓето и текот на истрагата.
На украинските социјални мрежи се појавија прашања за начинот на кој бил рекламиран настанот. Кружеле фотографии од летоци и покани со линкови за регистрација, преку кои потенцијално можело да се дојде до податоци за локацијата. Еден популарен Telegram канал што ги следи воените случувања напиша дека не знае како воопшто да го коментира случувањето.
Сирените за воздушна опасност се огласиле околу 11:20 часот по локално време, откако украинското воено воздухопловство извести дека руски проектили летаат кон главниот град. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, потврди експлозии во градот. Нападот се случи во период кога Русија ги зголемува масовните ракетни удари врз Киев.
На 19 јули, Русија за една ноќ испука 25 балистички проектили врз градот, што Зеленски го оцени како еден од најголемите масовни напади со тоа оружје од почетокот на инвазијата. Според достапните информации, покрај проектилите Искандер и крстосувачките проектили, вклучувајќи го хиперсоничниот Циркон, Русија почнала да користи и проектили од системот за противвоздушна одбрана С-400, приспособени за напади на копнени цели.