Во Старата скопска чаршија денеска и утре се одржува дводневната манифестација „Ритамот на чаршијата“, во рамки на своето трето издание, со концерти од различни музички жанрови. Настаните се организирани од Детскиот културен центар „Карпош“, а ќе се одржат на плоштадот „Филип Втори – Карпошово востание“ и во Музејот на македонската борба.
Вечерва од 19 часот ќе настапи Ансамблот „Стефче Стојковски“ со програма од македонска изворна музика. Утре вечер, исто така од 19 часот, концерт ќе одржи Коста Давчевски, млад и талентиран класичен гитарист од Србија.
Од организаторот посочуваат дека целта на манифестацијата е да се оживее Старата скопска чаршија преку културни содржини и музички настани, истакнувајќи ја нејзината улога како еден од најзначајните културни и туристички симболи на Скопје и најголемата чаршија на Балканот. Чаршијата, како што се наведува, претставува простор каде се спојуваат традицијата, занаетчиството и културното наследство, и останува една од најпосетуваните локации во главниот град.