Според неа, прашањето за ослободувањето на поранешниот премиер, Никола Груевски, било во втор план за актуелната владејачка партија, а клучно останува дали обвинителството ќе поднесе жалба и ќе бара конфискацијата да се разгледа пред Апелациониот суд.
Во нејзината реакција на Фејсбук, по вчерашната ослободителна пресуда и одбивањето на барањето за конфискација, Ристоска посочи дека судот, врз истиот доказен материјал, во првата постапка донел осудителна, а во повтореното судење ослободителна пресуда. Таа го застапуваше предметот седум и пол години, сè до април годинава, кога државниот јавен обвинител Ненад Савески ѝ го повлече овластувањето за застапување, по што поднесе оставка.
„Во првата постапка, врз истиот доказен материјал, судот донесе осудителна пресуда за умислено дело, што подразбира дека доказите за целта и намерата со која обвинетите делувале беа дел од предметот и водеа до осуда”, пишува Ристоска. Таа не спори дека измените на Кривичниот законик од 2023 година влијаеле врз предметот, но објаснува дека обвинителството не е врзано за првичната правна квалификација и во текот на постапката можело да предложи друга, во согласност со фактите. Според неа, обвинението било изменето со дејствие поврзано со обврската на Груевски да ги врати во Буџетот средствата добиени од компанијата „Бетон”, дел кој воопшто не бил спомнат во јавно објавеното образложение на судот.
Судијката Даниела Алексовска-Стојановска, при изрекувањето на пресудата, изјави дека иако обвинението било изменето, немало промени во доказите и фактите изнесени пред судот, и дека обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека Груевски ги пречекорил своите службени овластувања. Таа нагласи дека ослободувањето е „исклучиво резултат” на измените на Кривичниот законик од 2023 година.
За Ристоска, токму тоа образложение отвора противречност.
„Ако ниту доказите, ниту нивната оцена не се променети, останува прашањето како истата доказна основа води до два спротивни исхода”, пишува таа.
Ристоска предупредува дека предметот во август годинава навлегува во завршна фаза на застареност, и дека дури и со жалба, Апелацискиот суд реално нема да има доволно време да одлучи пред тоа да настапи. Таа посочи и процесен детаљ, застапниците на ВМРО-ДПМНЕ побарале одложување на едно од последните рочишта поради отсуство, иако присуството не било задолжително, а обвинителството не се спротивставило.
„Ваквата контекстуална состојба, пресуда спротивна на првичната, дел од обвинението кој не е адресиран во јавното соопштение на судот, временскиот интервал во кој се носи одлуката и времето кога истекува рокот на застареност, ме наведуваат на заклучок дека единствена цел на ваквото постапување е отежнување на понатамошната постапка за конфискација на имотот”, вели Ристоска. Таа додава: „Сите овие околности и ваквиот тек на работите, за мене како да го потврдуваат моето уверување дека овој предмет ми беше одземен за да можат заинтересираните страни да стасаат до посакуваниот исход, а тоа е избегнување на конфискацијата.”
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека со пресудата правдата е задоволена во делот што се однесува на ВМРО-ДПМНЕ, а за ослободувањето на Груевски ги обвини СДСМ, ДУИ и измените на Кривичниот законик од 2023 година. Тој ги оцени предметите „Талир 1″ и „Талир 2″ како политички мотивирани.
Пресудата сè уште не е правосилна, а странките имаат право на жалба.