Браќата исчезнале во понеделникот попладне, а се верува дека се удавиле откако, по играњето фудбал, отишле да се капат во реката. Потрагата која беше започната во понеделникот навечер заврши со трагично пронаоѓање, пишува El País.
Момчињата, како и многупати дотогаш, попладнето го поминувале играјќи фудбал на училишното игралиште. Дома требало да се вратат околу 21 часот, кога игралиштето се затвора, но бидејќи не се појавиле, семејството се загрижило. Според информациите од истрагата, браќата пред враќањето дома одлучиле да се капат во реката Тер. Бидејќи ниту едниот ниту другиот не биле вешти пливачи, а веќе се стемнило, дошло до давење.
Таткото го пријавил исчезнувањето по полноќ, по што локалната полиција од Манлеу ја известила каталонската полиција, која започнала опсежна потрага. Во потрагата биле вклучени дронови и нуркачка единица. Во вторникот околу 11:30 часот, итните служби во реката пронашле облека што одговара на онаа што браќата ја носеле во понеделникот. Набргу потоа, околу 13 часот, на длабочина од околу три метри било пронајдено телото на првото момче, а еден час подоцна и телото на второто.
Семејството, кое и самото учествувало во потрагата, било на местото на настанот и било известено дека пронајдените тела одговараат на описот на нивните синови.
Нивните тела се пренесени во Институтот за судска медицина на Каталонија (IMELEC), каде што ќе се изврши целосна идентификација со помош на отпечатоци од прсти. Со обдукцијата исто така ќе се утврдат точните околности на смртта, иако сè укажува на тоа дека се работело за несреќен случај на давење.