Колку тежи галаксијата во која се наоѓа нашиот Сончев систем? Астрономите со години се обидуваат да одговорат на ова прашање, следејќи го движењето на ѕвездите и помалите сателитски галаксии под влијание на гравитацијата. Колку е поголема брзината на движење на одредено растојание, толку поголема маса е потребна за гравитациски да ги задржи небесните тела на нивните патеки.
Досегашните мерења покажаа дека видливите ѕвезди и гасот сочинуваат само мал дел од вкупната маса на нашата галаксија. Сепак, претходните процени значително се разликуваа.
Во нова опсежна анализа, објавена на научниот репозиториум „АрКсајв“, астрономската соработка ДЕСИ (Dark Energy Spectroscopic Instrument) ги искористила најновите податоци од големото скенирање на вселената за да направи досега најпрецизна процена. Според резултатите, вкупната маса на Млечниот Пат изнесува околу 1,19 билиони сончеви маси, со проценета мерна неизвесност од приближно 11 проценти.
Анализа на повеќе од 10.000 ѕвезди
Претходните истражувања користеле различни пристапи: го набљудувале движењето на ѕвездите во реткиот надворешен ореол на галаксијата, огромен регион во кој доминира невидливата темна материја, ги следеле долгите ѕвездени потоци од помали објекти и ги анализирале густите ѕвездени јата и сателитските галаксии.
Но, поновите модели на ротацијата на галактичкиот диск укажувале на значително помала маса од процените добиени со проучување на подалечните објекти. Дел од проблемот бил во тоа што претходните истражувања ретко комбинирале повеќе методи и не ги земале секогаш предвид реалните гравитациски нарушувања во галаксијата или ограничувањата на големите небесни набљудувања.
За да ги надмине овие недостатоци, тимот на ДЕСИ направил детална анализа на повеќе од 10.000 далечни ѕвезди забележани во текот на првите три години од набљудувањата. Ѕвездите се наоѓаат на растојание од 30.000 до 310.000 светлосни години од галактичкиот центар.
Овие податоци биле комбинирани со мерењата на движењето на ѕвездите низ небото, собрани од вселенскиот телескоп „Гаја“. Набљудуваните ѕвезди припаѓаат на две различни популации постари ѕвезди, чија предвидлива светлина им овозможува на астрономите посигурно да ги одредат нивните растојанија.
Нов поглед на структурата на нашата галаксија
Истражувачите примениле четири различни пристапи за моделирање и симулација на двете ѕвездени популации, а потоа ги споредиле резултатите за да дојдат до конечната процена.
Според анализата, вкупната маса на Млечниот Пат, вклучувајќи ја и темната и обичната материја, изнесува 1,19 билиони сончеви маси, со неизвесност од околу 11 проценти. За материјата во радиус од 260.000 светлосни години од центарот на галаксијата, неизвесноста се намалува на околу осум проценти.
Резултатите откриваат и нови детали за структурата на Млечниот Пат. Сите четири применети методи претпоставувале дека галаксијата има совршено кружна форма и дека се наоѓа во стабилна состојба. Но, тестирањата со симулации покажале дека идните модели треба да земат предвид дека нашата галаксија е помалку сферична и дека во неа постојат значителни гравитациски нарушувања.
Со набљудувања на уште подалечни ѕвезди, дополнителни мерења од телескопот „Гаја“ и претстојното јавно објавување на нови податоци од проектот ДЕСИ, астрономите очекуваат нов бран независни анализи. Тие би можеле дополнително да ги прецизираат процените за масата на надворешниот ореол и на целата галаксија.
