Ставен под контрола големиот пожар на Корчула: Изгореа околу 550 хектари, уништени лозја и маслинови насади

По повеќе од 24 часа борба, пожарот на Корчула е ставен под контрола. Огнот уништи околу 550 хектари шума, лозја и маслинови насади, а во еден момент им се закануваше и на куќите.

По повеќе од 24 часа непрекината борба со огнената стихија, големиот пожар на хрватскиот остров Корчула е ставен под контрола. Пожарот беснееше на подрачјето меѓу Блато и Смоквица, каде што огнен фронт долг околу четири километри уништуваше сè пред себе и во текот на ноќта сериозно им се закануваше на куќите.

Изгореа околу 550 хектари

Според првичните проценки, огнот зафатил околу 550 хектари трева, ниска вегетација и борова шума. Покрај шумскиот појас, сериозно се оштетени и лозја, маслинови насади и други земјоделски површини, што ќе предизвика значителни штети за локалното население. Во акцијата учествуваа пожарникари од Корчула, од Дубровничко-неретванската жупанија, како и дополнителни екипи од други делови на Хрватска.

Во гаснењето беа ангажирани и противпожарните авиони Канадер и Air Tractor, кои од воздух помагаа во локализирањето на пожарот.Голема помош имаше и дождот што падна во текот на ноќта, кој значително го забави ширењето на пламените јазици и им овозможи на пожарникарите до утринските часови да го стават пожарот под контрола.

Куќите се спасени

Командантот на Интервентната противпожарна единица од Дубровник, Никша Милетиќ, изјави дека најкритичните делови од пожарот се обезбедени. „Ги покривме сите рабни делови на пожарот и она што беше најкритично. Постепено го стеснуваме пожариштето и куќите повеќе не се загрозени“, изјави Милетиќ.

Иако станбените објекти се спасени, пожарот остави големи последици врз земјоделските површини.

Уништен е дел од лозовите насади, маслиновите плантажи и други обработливи површини, а конечната проценка на материјалната штета ќе биде направена по целосното гаснење и увидот на терен. Жителите на Корчула, кои од непосредна близина го следеа ширењето на огнот, велат дека сцените биле драматични и дека стравувале пожарот да не стигне до нивните домови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс