Питбул и неговите фанови испишаа историја во петокот, поставувајќи Гинисов светски рекорд за најголем собир на „ќелави“, за време на неговиот настап на BST Hyde Park во Лондон. Раперот, познат како Мистер Ворлдвајд, уште еднаш го оправда прекарот инспирирајќи глобален модерен тренд изграден околу неговиот препознатлив изглед, костум, темни очила и сјајна ќелава глава, пренесува Би-Би-Си.
Десетици илјади посетители се собраа пред главната сцена пред неговиот настап за да учествуваат во официјалното броење, кое потврди рекорд од 22.141 лице кое носело капа за да изгледаат како ќелави, соборувајќи го претходниот рекорд од само 2.000. Питбул го нарече постигнувањето „благослов” и „голема чест”.
„Кој би помислил дека Кубанец ќе дојде во Лондон, ќе руши рекорди и ќе влезе во Гинисовата книга на светски рекорди”, изјави добитникот на Греми, чие вистинско име е Армандо Кристијан Перез, заблагодарувајќи им на своите обожаватели.
Официјалниот судија на Гинисовите светски рекорди, Вил Манфорд, забележа дека дури и самиот Питбул, кој природно е ќелав, морал да носи капа за да се засмета во официјалниот рекорд, бидејќи категоријата специфично опфаќа луѓе што носат капи за да се направат ќелави, а не луѓе кои се вистински ќелави.
Обидот за рекорд беше идеја на водителот на BBC Radio 1, Грег Џејмс, и креаторот на содржини Џек Ремингтон, кои ја предложија идејата минатата година откако Ремингтон објави вирално TikTok видео во кое забележа дека капацитетот на BST од 65.000 луѓе е „сосема доволен за да се скрши светскиот рекорд за луѓе кои се преправаат во Питбул”. Двајцата стапија во контакт со Гинисовите светски рекорди и на крајот го вклучија самиот Питбул, кој го најави обидот уште во февруари, охрабрувајќи ги обожавателите да се појават подготвени.