Додека светот забрзано влегува во ерата на вештачката интелигенција, малкумина новинари од регионот имаат можност одблизу да ги следат луѓето што ја создаваат таа иднина. Еден од нив е Бојан Стојковски – наградуван македонски новинар кој повеќе од една деценија известува за технологија, иновации и дигитална трансформација. Неговата работа го однесе на најголемите светски технолошки конференции, AI самити и форуми, каде разговара со водечки експерти, основачи на стартапи, инвеститори и креатори на политики.

Денес тој не е само набљудувач на технолошките промени, туку и иницијатор на AI Balkans – првиот регионален хаб посветен на вештачката интелигенција во Западен Балкан, чија цел е да ги поврзе експертите, компаниите и институциите и да создаде простор регионот да стане активен учесник, а не само следбеник на глобалната AI револуција. Во интервјуто разговараме за тоа дали Македонија има капацитет да стане создавач на технологии, а не само нивен корисник, како AI ќе го промени новинарството, што значи довербата во време на deepfake содржини, но и дали технологијата може да остане човечка. Истовремено, го прашавме и едно лично прашање,– по сите патувања, конференции и средби со светските технолошки лидери, дали сè уште се гледа професионално реализиран во Македонија и што е она што сака да го постигне во следната деценија.

Tрн: Новинарството денес е во една од најголемите трансформации во историјата. Кој момент во кариерата ти беше пресвртница кога сфати дека технологијата целосно ќе го промени начинот на кој се создаваат и консумираат информациите?
Бојан: Со секоја нова технологија, од блоговите и социјалните мрежи, па до денешната генеративна AI, стануваше јасно дека новинарството повеќе нема да изгледа исто. Најголемата промена е што денес не е доволно само да пренесете информација, туку треба да дадете контекст и доверба, и тоа е новиот пристап на новинарството.
Tрн: Што те натера како новинар да се посветиш толку многу на темата вештачка интелигенција? Дали AI за тебе е само технологија или нова општествена револуција?
Бојан: Секогаш ме интересирале технологиите кои го менуваат општеството. AI е една од ретките технологии која ќе влијае на речиси секој дел од нашиот живот – од работата и образованието до начинот на кој комуницираме и носиме одлуки, па така секако сметам дека ова е една револуција во реално време.
Tрн: Лансиран е AI Balkans како прв регионален ВИ хаб во Западен Балкан. Зошто сметаш дека е потребна ваква платформа токму сега?
Бојан: Разговорот за AI веќе не може да се води само во Силиконската долина или во големите технолошки центри. И регионот има луѓе, компании и идеи, но потребно е место каде тие ќе се поврзат и ќе се види што навистина се создава кај нас. Истовремено потребно е да се слушнат и различните гласови кои можат да придонесат на темата, така што платформата доаѓа во вистинско време.

Tрн: Балканот често се гледа како регион кој доцни зад глобалните технолошки трендови. Дали мислиш дека со вештачката интелигенција имаме шанса да ја смениме таа слика?
Бојан: Да, затоа што AI создава нови можности. Не мора секогаш да ги следиме другите, и дефинитивно можеме да креираме сопствени решенија. Но за тоа ни требаат повеќе инвестиции, знаење и храброст да размислуваме глобално.
Tрн: Каде ја гледаш Македонија во регионалниот AI екосистем? Дали имаме потенцијал да бидеме создавачи на технологија, а не само корисници? Што ни недостасува?
Бојан: Имаме добри инженери и луѓе со техничко знаење. Главниот предизвик е како тој талент да го претвориме во компании и производи што ќе имаат глобално влијание. Ни треба подобра врска меѓу образованието, индустријата и инвеститорите, но и поголема амбиција.
Tрн: Како новинар, дали AI го гледаш повеќе како алатка која ќе му помогне на новинарот или како конкуренција која може да го замени?
Бојан: AI ја гледам како алатка која може да му помогне на новинарот да биде побрз и поефикасен. Но, новинарството не е само во известувањето, туку тука се и компонентите на поставување вистински прашања, истражување и разбирање на луѓето. Токму тие работи остануваат човечки.
Tрн: Може ли вештачката интелигенција да ја загрози довербата во медиумите преку лажни вести, deepfake содржини и автоматски генерирани текстови?

Бојан: Да, тоа е еден од најголемите предизвици. Ќе живееме во време кога ќе биде сè потешко да разликуваме што е вистинско, а што не. Затоа улогата на професионалното новинарство и проверката на фактите ќе станат уште поважни.
Tрн: Многумина стравуваат дека AI ќе го намали човечкиот фактор. Дали постои опасност технологијата да го изгуби човечкото во човекот?
Бојан: Само ако дозволиме технологијата да носи одлуки наместо нас. AI треба да ни помогне да бидеме подобри, а не да ја замени нашата љубопитност, емпатија и креативност.
Tрн: Дали мислиш дека следната голема технолошка револуција нема да биде во нашите телефони и компјутери, туку во физичкиот свет, преку роботи кои ќе живеат и работат со нас?
Бојан: Мислам дека тоа е следниот голем чекор. Со AI, роботиката и автономните системи, технологијата постепено ќе излезе од екраните и ќе стане дел од секојдневниот физички свет. Ова веќе се случува во делови од светот како што се САД и Кина, а секако дека ќе дојде и кај нас – а дали подоцна или поскоро, останува да се види.