Страв од немири во Белград: Дуќаните се барикадираат додека се чекаат изборните резултати

Дуќаните околу РИК се забарикадирани, сообраќајот е прекинат, а полициските сили го контролираат пристапот до институциите.
Фото: Screenshot N1

Центарот на Белград вечерва е под силно полициско обезбедување додека сопствениците на деловни објекти на улицата „Крал Милан“ поставуваат дрвени плочи на своите излози. Напнатата атмосфера пред објавувањето на првите резултати од вонредните парламентарни избори го блокираше пешачкиот и моторниот сообраќај меѓу Теразије и раскрсницата Лондон. И власта и опозицијата најавуваат пресудна ноќ, а стравот од ескалација ги испразни улиците околу клучните институции.

Припадници на Полициската бригада вечерва целосно го запреа сообраќајот на главната сообраќајница што води кон Претседателството на Србија и седиштето на Републичката изборна комисија (РИК). Движењето им е забрането и на пешаците.

Низ полициските пунктови можат да поминат единствено граѓаните што живеат или работат во непосредна близина, како и акредитираните новинарски екипи по проверка на документите.

На улицата „Крал Милан“ деловните субјекти уште пред затворањето на гласачките кутии почнаа со монтажа на дебели дрвени штици врз стаклените површини. Потегот доаѓа по низата тензии што го обележаа изборниот ден низ повеќе градови во Србија, каде што беа регистрирани физички инциденти, напади врз набљудувачи и нерегуларности на гласачките места.

Сопствениците на локалите се обидуваат да спречат материјална штета доколку најавените собири прераснат во улични судири по соопштувањето на првичните бројки.

Белградските случувања будно се следат и во Македонија и поширокиот регион, каде што изборниот процес во Србија се смета за клучен тест за стабилноста и демократските институции. Излезноста на гласањето до 18 часот достигна речиси 65 отсто, што е значително повисоко во споредба со претходните изборни циклуси.


Во меѓувреме, пред влезот во Претседателството се забележани и специјални возила на Жандармеријата за разбивање демонстрации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс