Врсничкото насилство повеќе не е „детска работа“ која ќе помине сама од себе. Снимките од тепачки, навреди и понижувања кои за неколку минути се шират на социјалните мрежи ја отвораат дилемата: дали младите стануваат посурови или општеството конечно почнува да го гледа проблемот кој одамна постои?
Зошто децата снимаат насилство наместо да помогнат? Каде исчезнува емпатијата? Како родителите да препознаат дека нивното дете е жртва, но и како да му помогнат на детето кое врши насилство?
За овие прашања разговараме со м-р Катерина Витановска, магистер по психолошки науки, психолог во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци и претседател на здружението за психосоцијална поддршка „Подaj рака – Биди поддршка“. Таа предупредува дека зад секој случај на булинг стои приказна која не смее да се игнорира – приказна за дете кое страда, но и за дете на кое му е потребна помош за да научи поинаков начин на однесување.
Tрн: Во последните месеци јавноста беше сведок на повеќе случаи на врсничко насилство во Македонија. Дали навистина има пораст на насилството или денес само почесто го гледаме бидејќи се снима и се објавува на социјалните мрежи?
Катерина: Она што го гледаме на социјалните мрежи е само мал дел од реалната слика. Врсничкото насилство, за жал, не е нова појава. Отсекогаш постоело, но денес јавноста е многу повеќе запознаета со него затоа што информациите и снимките за само неколку минути стигнуваат до илјадници луѓе.
Многу деца секојдневно трпат психолошко, физичко или сајбер насилство, исмејување и понижување, а за тоа никогаш не дознаваат ниту родителите, ниту училиштето, ниту јавноста. Голем број деца кои се жртви на врсничко насилство никогаш не го пријавуваат, бидејќи се плашат дека ситуацијата ќе стане уште полоша.
За жал, кај дел од младите се забележува поголема суровост и помало чувство за последиците што нивното однесување може да ги остави врз друго дете.
Tрн: Зошто денешните деца чувствуваат потреба да го снимаат насилството наместо да го спречат?
Катерина: Ова прашање, според мене, зборува многу повеќе за нас како општество отколку за самите деца. Денес сите сме навикнати секој момент најпрво да го снимаме, без разлика дали станува збор за родендени, свадби, концерти или патувања, наместо навистина да го живееме. Наместо да бидеме присутни во моментот, најчесто сме зад екранот. Децата растат гледајќи го токму тој модел, па кога ќе се случи нешто, па дури и насилство, првата реакција им е да посегнат по телефонот.
Во исто време, потребата за внимание, лајкови и прегледи кај дел од младите станува поважна дури и од туѓото страдање. Секое дете кое стои настрана и снима, наместо да побара помош или да повика возрасен, станува пасивен соучесник во насилството. А доколку ја сподели снимката, дополнително придонесува насилството да продолжи, затоа што со секое ново гледање и споделување жртвата повторно го преживува истото понижување.
Tрн: Дали снимањето тепачки, навреди и понижување за ТикТок или Инстаграм претставува нов облик на насилство сам по себе?
Апсолутно. Како што претходно спомнав, во моментот кога ќе се сними и ќе се објави нечие понижување, насилството повеќе не завршува со самиот настан. Напротив, тогаш добива сосема нова димензија. Жртвата повторно и повторно го преживува истото преку споделувањата, коментарите и исмејувањето, а емоционалната болка дополнително се продлабочува.
Тоа е сајбер булинг – форма на насилство која веќе со години е сериозен проблем низ целиот свет. За жал, негативните содржини многу полесно се шират отколку позитивните, а една објава може за неколку часа да стигне до илјадници луѓе.
Родителите треба да знаат кои апликации ги користат нивните деца, колку време поминуваат на нив и, кога станува збор за помали деца, да имаат увид и во нивната онлајн комуникација. Тоа не е нарушување на довербата, туку одговорно родителство и грижа за нивната безбедност.
Tрн: Кога насилството станува средство за популарност меѓу младите?
Катерина: Последните години сме сведоци на постепено нарушување на вредносниот систем. Некогаш младите се стремеа да бидат препознаени по знаење, труд, спортски успеси или човечки квалитети. Денес, за жал, сè почесто се вреднуваат изгледот, скапите брендови, бројот на следбеници и провокативното однесување. Она што порано било неприфатливо, денес понекогаш се претставува како интересно, па дури и како нешто што носи популарност.
Социјалните мрежи само го засилуваат она што веќе постои. Темелите на вредносниот систем се градат многу порано – во семејството, училиштето и средината во која детето расте. Токму таму учи што е прифатливо однесување, како се решаваат конфликти и како се однесуваме кон другите. Ако родителот ќе седне зад волан по испиен алкохол, ќе вози побрзо од дозволеното, ќе помине преку ред за побрзо да заврши работа или ќе ги прекршува правилата секогаш кога тоа нему му одговара, детето не ја памети лекцијата што му ја кажал родителот, туку примерот што му го покажал. Така учи дека правилата важат само кога нам ни одговара.
Во мојата пракса имав дете кое беше донесено поради агресивно однесување, навредување и пцовки кон други деца, но и кон својата сестра дома. Мајката ми кажа дека повеќепати разговарала со него, но без успех. Првото прашање што им го поставив беше: „Кој дома комуницира на ваков начин?“ Мајката ја наведна главата, а детето без двоумење одговори: „Тато.“ Во тој момент не беше потребно ништо повеќе да се каже.
Tрн: Ако денес едно дете има повеќе следбеници отколку блиски пријатели, што ни кажува тоа за генерацијата што расте?
Катерина: На секое дете му е потребно чувство на припадност. Ако тоа чувство не го добие дома, многу лесно ќе почне да го бара по секоја цена меѓу врсниците или на социјалните мрежи. Токму затоа понекогаш молчи, трпи или прави работи што не ги одобрува, само за да не биде исклучено од групата.
Парадоксално е што денешните деца никогаш не биле повеќе поврзани, а истовремено никогаш не биле поосамени. Социјалните мрежи овозможуваат постојана комуникација, но не можат да ја заменат блискоста, довербата и чувството дека некој навистина те разбира. Луѓето се социјални битија и имаат природна потреба да бидат прифатени. Кога детето нема чувство на сигурност, прифаќање и поддршка во семејството, многу полесно ќе прифати и друштво и однесување што не се во согласност со неговите вредности, само за да не остане само.
Tрн: Дали недостатокот на емпатија кај дел од децата е последица на воспитување, на современиот начин на живот или на постојаната изложеност на насилни содржини?
Катерина: Емпатијата не е особина со која детето едноставно се раѓа. Таа се развива постепено преку односите со родителите, врсниците, наставниците и пошироката средина. Затоа не постои само една причина кога кај едно дете ќе забележиме недостаток на емпатија. Влијание има воспитувањето, начинот на комуникација во семејството, изложеноста на насилни содржини, но и личните искуства на детето.
Ако дома секојдневно слуша исмејување на луѓе поради нивниот изглед, облека, автомобил, материјална состојба или различност, тогаш постепено почнува да го смета таквиот начин на комуникација за нормален.
Но, истовремено мора да разбереме дека никој од нас не знае што навистина се случува во главата на едно дете кое врши насилство. Ова не е обид да се оправда неговото однесување, туку да се разбере причината за да може навистина да му се помогне. Понекогаш станува збор за дете кое расте во дисфункционално семејство, но понекогаш и во семејство кое однадвор изгледа совршено, а во него недостигаат љубов, разговор, внимание и емоционална поврзаност. Детето има сè што може да се купи со пари, но нема чувство дека некој навистина го слуша и разбира.
Затоа, кога работиме со дете кое врши насилство, не смееме да се задржиме само на последицата. Потребно е да ја разбереме и причината. Само така можеме да спречиме истото однесување повторно да се појави.
7. Како родителите можат да препознаат дека нивното дете е жртва на врсничко насилство, особено ако детето молчи и не сака да зборува?
Tрн: Многу деца никогаш нема директно да кажат дека се жртви на булинг. Но нивното однесување ќе почне да зборува наместо нив. Ќе станат повлечени, ќе избегнуваат училиште, ќе имаат промени во расположението, спиењето, успехот или ќе почнат да бараат различни изговори за да не одат на настава. Кај некои деца може да се појават и физички тегоби како главоболки, болки во стомакот или нагло опаѓање на самодовербата, без да постои јасна медицинска причина.
Во мојата пракса имав дете кое беше донесено поради долгогодишен булинг. Не стануваше збор за тепање, туку за секојдневно исмејување, омаловажување, кинење на облеката и понижување. Родителите ми кажаа дека тоа траело речиси две години и дека детето молчело сè додека не забележале дека му е искината облеката и не инсистирале да им каже што се случува.
Тоа е причината поради која секогаш им велам на родителите дека не е доволно само да ги слушаат своите деца кога зборуваат. Многу поважно е да забележат кога престанале да зборуваат. Не очекувам секој родител да препознае сè што би препознал еден психолог, но секој родител може да забележи кога неговото дете повеќе не е истото. Во тие моменти не треба да чекаме проблемот сам да помине, туку да разговараме, да слушаме и, ако е потребно, навреме да побараме стручна помош.
8. Како треба да се работи со дете кое врши насилство? Дали казната е доволна или е потребна подлабока психолошка работа?
Катерина: Казната сама по себе ретко е доволна. Таа може моментално да го прекине однесувањето, но нема да ја отстрани причината поради која детето станало насилно. Затоа е потребно да се работи со детето, со семејството и со училиштето. Само така можеме да очекуваме вистинска промена.
Работата со детето кое врши насилство подразбира развивање на емпатија, учење како да ги препознае и контролира сопствените емоции, како да ги решава конфликтите без агресија и како да преземе одговорност за своето однесување. Истовремено мора активно да се работи и со родителите, затоа што промените се многу потешко одржливи ако семејната средина остане иста.
Tрн: Дали училиштата реагираат навреме или најчесто се чека насилството да стане јавно, снимено или медиумски видливо?
Катерина: Имаме училишта и стручни служби кои навистина реагираат навреме и професионално, но има и ситуации кога проблемот станува приоритет дури откако ќе се појави снимка на социјалните мрежи или случајот ќе стане медиумски видлив.
Истражувањата покажуваат дека психолошкото насилство е многу почесто од физичкото, но токму затоа често останува незабележано. Ако реагираме уште при првите знаци на исклучување, исмејување или навредување, голем дел од потешките случаи можат да се спречат.
Во разговор со еден родител кој дознал дека врз неговото дете било изложено на долгогодишен булинг и бараше одговорност од наставникот, стручната служба, директорот и институциите, го прашав: „Ако сите тие треба да сносат одговорност затоа што не забележале што му се случува на Вашето дете, каква одговорност би требало да сносите Вие како родител што со години не сте забележале дека нешто не е во ред?“ Настана тишина. Не затоа што вината беше кај него, туку затоа што врсничкото насилство никогаш не е одговорност само на една страна. Родителите, училиштето и институциите мора да бидат партнери, а не да бараат виновник едни во други.
Tрн: Што како општество мора да смениме за врсничкото насилство да не се третира како „детска работа“, „фаза“ или „нешто што отсекогаш постоело“?
Катерина: Покрај семејството, голема улога имаат училиштето, врсничката група и целата заедница. Ниту една институција сама не може да го реши проблемот. Само кога сите ќе реагираат навреме и координирано, можеме да зборуваме за вистинска превенција. Особено е важна улогата и на врсниците. Во најголем број ситуации постојат деца кои не учествуваат во насилството, но го набљудуваат. Кога тие ќе научат безбедно да реагираат, да пријават или да застанат во одбрана на жртвата, можат значително да го намалат булингот.
Најпрво мора да престанеме да го минимизираме проблемот. За возрасните можеби тоа изгледа како минлива ситуација, но за едно дете тоа е целиот негов свет. Речениците „ќе му помине“, „и ние така растевме“ или „не обрнувај внимание“ не ја намалуваат болката, туку прават детето да се почувствува не сфатено.
Најважните модели на однесување се формираат во семејството. Денес многу родители, сакајќи да бидат најдобри пријатели на своите деца, полека ја забораваат својата најважна улога – да бидат родители. Родителството не значи само да обезбедиме добри услови за живот. Тоа значи да воспитуваме, да поставуваме граници, да бидеме пример и да бидеме емоционално присутни.
Важно е родителите да обрнат внимание на секоја нагла промена во однесувањето на своето дете, затоа што токму тие промени често се првиот знак дека нешто не е во ред.
И би сакала да завршам со една порака. Секој случај на врсничко насилство има две страни – дете кое страда затоа што е жртва и дете кое, од различни причини, научило дека насилството е начин да се справува со светот околу себе. На едното му треба заштита, на другото помош, но на двете најмногу им се потребни возрасни кои ќе бидат присутни, ќе слушаат и ќе преземат одговорност. Затоа што децата не учат од тоа што им го зборуваме, туку од тоа што секој ден го гледаат кај нас. Тоа е местото од кое започнува секоја вистинска промена.