Пороен дожд и грмежи во Повардарието, температурите до 39 степени

Нестабилна облачна маса од Велес и Градско се спушти кон Неготино и Кавадарци, додека на Зајчев Рид се измерени рекордни 39,4 степени.

Попладневна нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер денеска зафати делови од централниот дел на земјава, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Облачниот систем што помина преку Велес и Градско продолжи кон регионите на Росоман, Неготино и Кавадарци, додека во Скопје беа измерени највисоките 39,4 степени Целзиусови.

Радарските мерења на УХМР регистрираа брзо движење на нестабилна облачна маса од запад кон Велешкиот регион. Облачноста потоа го зафати Градско и се прошири кон Росоман.

Метеоролозите соопштија дека процесите се проследени со локален пороен дожд, електрични празнења и засилен ветер. Во планинските предели останува ризикот од појава на град. Радарските снимки покажуваат дека главната линија на нестабилност се спушта кон регионите на Неготино и Кавадарци.

Истовремено со попладневните невремиња, мерните станици во 17 часот регистрираа високи летни температури. Најтопло беше во Скопје на мерното место Зајчев Рид со максимални 39,4 степени, како и во Велес каде беа измерени 39,0 степени.

Во Скопје-Петровец температурата достигна 38,3 степени, во Кавадарци 38,1, а во Штип 37,6 степени. Најниски дневни максимуми имаше на Попова Шапка со 24,4 и во Крушево со 29,3 степени.

За среда (26 август) прогнозата најавува сончево и топло претпладне со мала до умерена облачност. Во попладневните часови повторно ќе има локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, со услови за краткотрајна нестабилност и во делови од Скопската Котлина.

Суво и топло време со северен ветер ќе преовладува во четврток и петок, со максимални температури меѓу 32 и 39 степени. Нова појава на попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи се очекува во сабота, кога температурите ќе достигнат до 38 степени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс