Силно невреме со грмежи и обилен дожд ги поремети завршните подготовки на Аргентина и Шпанија пред финалето на Светското првенство.
Актуелниот светски шампион Аргентина требаше да тренира во сабота во 11:30 часот по локално време во Red Bulls Performance Center во Морисaун, но непосредно пред почетокот областа ја зафати силна бура.
Тренингот бил одложен за 45 минути, а невремето со дожд и грмежи траело околу еден час. Според безбедносните правила, екипите не смеат да тренираат додека не поминат најмалку 30 минути од последниот удар на гром.
Аргентинските фудбалери на крајот сепак успеале да ја одработат планираната програма.
Шпанија остана без тренинг
Шпанија имаше помалку среќа. Тренингот на шпанската репрезентација, закажан за 11 часот во Випани, прво бил одложен, а потоа целосно откажан.
Шпанците требало да тренираат во поранешниот комплекс на New York Red Bulls, кој наскоро треба да стане прв сопствен тренинг-центар на женскиот фудбалски клуб Gotham FC.
Проблемите со распоредот ги почувствува и Аргентина. Селекторот Лионел Скалони уште во петокот откри дека неговиот тим немал многу време за тренинг поради доцното пристигнување и обврските околу официјалната прес-конференција.
„Немавме многу време за тренинг бидејќи стигнавме доцна во четврток, дури во 11 навечер. Тренингот моравме да го скратиме за да стигнеме на прес-конференција. Затоа саботниот тренинг ќе ни биде клучен, за да видам како се играчите и да разговарам со нив. Во теорија, сите се подготвени“, изјави Скалони.
Добра прогноза за финалето
И покрај проблемите во подготовките, временската прогноза за финалето е добра.
Аргентинската база се наоѓа на околу 30 километри од стадионот „Мет Лајф“ во Ист Радерфорд, каде што ќе се игра финалниот натпревар.
За недела се најавени сончеви периоди и само еден процент шанса за дожд. Натпреварот започнува во 15 часот по локално време, односно во 21 часот по средноевропско време.
Аргентина веќе имаше проблеми со времето
Ова не е првпат временските услови да им ги нарушат плановите на Аргентинците на ова Светско првенство.
Претходно, тренинг во Мајами им бил прекинат поради лошо време, а летот од базата во Канзас Сити кон Њу Џерси доцнел поради неповолни временски услови.
Сепак, и покрај сите прекини и одложувања, Аргентина и Шпанија влегуваат во финалето со јасен фокус — последните 90 минути што ќе го одлучат новиот светски шампион.