„Реплек“ со раст од 24 проценти на домашниот пазар во првата половина од 2026 година

„Реплек АД Скопје“ бележи силен раст на домашниот пазар во првите шест месеци од 2026 година, со зголемена продажба и стабилно присуство на извозните пазари. Компанијата најавува продолжување на инвестициите во нови производи и проширување на производствените капацитети.

„Реплек АД Скопје“ во првото полугодие од 2026 година оствари вкупни приходи од продажба во фармацевтскиот сегмент во износ од 13,9 милиони евра. Најголем придонес во резултатите има домашниот пазар, каде продажбата достигна 4,8 милиони евра, што претставува раст од 24 проценти во споредба со истиот период лани.

Од вкупните приходи, 9,1 милиони евра се реализирани на извозните пазари, додека учеството на домашниот пазар во вкупната продажба е зголемено на 35 проценти. Од компанијата оценуваат дека ваквите резултати ја потврдуваат успешната реализација на нивната стратегија за развој на домашниот пазар.

Генералниот директор на „Реплек“, Душан Пецовски, истакна дека растот е резултат на инвестициите во развој на портфолиото, воведувањето нови производи и континуираната посветеност кон пациентите и деловните партнери.

„Континуираниот раст на домашниот пазар е јасна потврда дека нашата стратегија за развој на портфолиото, инвестициите во нови производи и посветеноста кон пациентите и партнерите во земјава даваат конкретни резултати. Особено нè охрабрува фактот што растот на домашниот пазар се интензивираше во текот на вториот квартал, а ваквиот тренд продолжува, што претставува силна основа за понатамошен развој на компанијата“, изјави Пецовски.

Во однос на извозот, од компанијата посочуваат дека продажбата се одвивала со изменета динамика поради поместување на дел од испораките кај партнерите. Сепак, побарувачката на клучните пазари останува стабилна, а договорените активности продолжуваат според приспособениот план.

Како една од најзначајните стратешки пресвртници во првото полугодие, „Реплек“ го издвојува и првиот извоз на производи на пазарот на Обединетото Кралство, што претставува важен чекор во проширувањето на присуството на високо регулирани фармацевтски пазари.

Компанијата најавува дека и во наредниот период ќе продолжи со инвестиции во нови производи, регулаторни регистрации и модернизација на производството. Во тек е изградбата на нов производствен погон за полуцврсти и течни фармацевтски форми, инвестиција која треба дополнително да ги зголеми производствените капацитети и конкурентноста на домашниот и странските пазари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс