Со 50 милиони евра и грант од ЕУ до нови студентски домови: Јаневска најави европски услови

Од октомври студентите треба да бидат сместени во реконструираните домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“, а за сите домови се планирани 50 милиони евра, од кои 10 милиони евра грант преку ЕУ.

Од 1 октомври студентите треба да бидат сместени во реконструираните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска при увидот во градежните работи во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда.

Таа најави дека најдоцна до септември треба да почне реконструкција и на останатите студентски домови во државата, со цел студентите да добијат услови според европски стандарди.

„Студентите добиваат модерни европски стандарди, студентски домови. И отсега па натаму нема бркање глодари, нема бркање инсекти, ќе имаат соодветна храна, ќе имаат соодветно сместување. Нема лепење прозорци, нема лифтови што се клатат, нема-има топла вода, нема струја. И како што можете да видите, ова е сосема реално“, изјави Јаневска.

Според министерката, од септември треба да почне изградба и реконструкција на уште седум студентски домови во Охрид, Битола, Прилеп, Штип, „Пелагонија“, како и кујната во „Гоце“. Работите ќе се одвиваат паралелно, во зависност од големината на објектите, видот на реконструкцијата и мерките за енергетска ефикасност.

Реконструкциите, според најавите, ќе траат од година и половина до две години.

„За две години ќе имаме комплетно нови студентски домови со европски стандарди“, рече Јаневска.

Таа нагласи дека нема да има поделба на студентски домови за „богати“ и „сиромашни“, туку дека сите домови треба да бидат со ист квалитет за сите студенти во државата.

Додека трае реконструкцијата, сместувањето на студентите ќе се решава различно во секој град. Дел од студентите ќе бидат сместени во закупен приватен студентски дом, во други градови ќе се користат простори обезбедени преку соработка со други министерства, а некаде ќе се користат делови од ученички домови.

„Ниеден студент нема да остане на улица, сите ќе си го добијат она што им следи“, рече Јаневска.

За реконструкција и изградба на студентските домови ќе бидат потрошени околу 50 милиони евра. Од нив, 10 милиони евра се грант, а средствата се обезбедени преку заем од Германската развојна банка. Грантот е преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс