Во Скопје е формиран Регионален хаб за спортска дипломатија на земјите од Западен Балкан, на иницијатива на Македонскиот олимписки комитет. Хабот беше воспоставен во рамки на Националната конференција „Спортска дипломатија: политики, практики и идни можности за стратешка употреба на спортот во унапредување на националните и дипломатските интереси“.
Конференцијата обедини претставници на националните олимписки комитети од Западен Балкан, дипломатскиот кор, меѓународни партнери, претставници на национални институции и академската заедница.
Во рамки на настанот се одржаа две панел-дискусии посветени на улогата на спортот како алатка за дипломатија, регионална соработка, економски развој, туризам и јакнење на меѓународната видливост на државите.
Учесниците разговараа за можностите спортот да придонесе кон унапредување на билатералните и мултилатералните односи, како и за неговата улога во градење доверба и поврзување меѓу државите од регионот.
Посебен фокус беше ставен на потенцијалот на спортската дипломатија како стратешки инструмент за зајакнување на регионалната соработка, развој на спортските системи, привлекување инвестиции, унапредување на туризмот и зголемување на меѓународниот кредибилитет на земјите од Западен Балкан.
Еден од најзначајните моменти на конференцијата беше потпишувањето на декларацијата за воспоставување на Регионалниот хаб за спортска дипломатија.
Иницијативата, предводена од Македонскиот олимписки комитет, ги обединува олимписките комитети од Западен Балкан со цел создавање заедничка платформа за соработка, размена на знаења, јакнење на капацитетите и заедничко делување на европската и меѓународната спортска сцена.
Со формирањето на Хабот, земјите од регионот добиваат нов механизам за координиран настап во областа на спортската дипломатија, како и засилена можност за соработка со европските институции, меѓународните организации и партнерските држави.
Конференцијата ја потврди улогата на спортот како моќна алатка за поврзување на луѓето, унапредување на меѓудржавната соработка и придонес кон стабилност, развој и поинтензивна меѓународна размена.