ЕУ со построги правила за отпадот, Македонија пред предизвикот да изгради стабилен систем за рециклирање

Европската комисија ја опомена Португалија поради неисполнување на целите за рециклирање, испраќајќи порака дека земјите мора да вложат повеќе во современи системи за управување со отпад. За Македонија, која се стреми кон европските стандарди, примерот покажува дека без ефикасна селекција, инвестиции и транспарентни правила нема целосно усогласување со европските политики.
Screenshot

Постапката што Европската комисија ја започна против Португалија поради непостигнување на целите за рециклирање е уште еден показател дека Европската Унија сè построго го следи спроведувањето на еколошките политики.

Брисел испрати образложено мислење до португалските власти поради тоа што земјата не ја исполнила целта од 50 проценти од амбалажниот отпад да биде селектиран и рециклиран на национално ниво. Особено загрижувачки се резултатите кај стаклената амбалажа, каде Португалија заостанува зад европските очекувања.

Доколку во рок од два месеци не бидат предложени соодветни мерки, Европската комисија може случајот да го упати до Судот на правдата на Европската Унија, што може да доведе и до финансиски санкции.

Од Брисел порачуваат дека со новите цели за 2025, 2030 и 2035 година земјите ќе мора значително да ги подобрат системите за собирање, селекција и рециклирање на отпадот, како дел од развојот на циркуларната економија.

Иако Македонија сè уште не е членка на Европската Унија, ваквите примери покажуваат во која насока ќе се движат идните обврски и стандарди. Домашниот систем за управување со отпадот бележи одреден напредок, но остануваат сериозни предизвици.

Во Македонија годишно се создаваат околу 791.000 тони комунален отпад, а се собираат приближно 637.000 тони. Околу 90 проценти од собраниот отпад сè уште завршува на депонии, што укажува на потребата од дополнителни инвестиции во селекција, рециклирање и современа инфраструктура.

Според проценките на Министерството за животна средина и просторно планирање, во 2026 година на пазарот ќе бидат пуштени над 116.000 тони амбалажен отпад. Од нив, околу 14.000 до 15.000 тони се стаклена амбалажа.

Преку системот на „Пакомак“ годишно се собираат и рециклираат околу 7.000 тони стакло, што претставува околу 45 проценти од вкупната количина. Собраното стакло најчесто се извезува во фабрики во Бугарија каде се преработува.

Од Асоцијацијата за управување со отпад посочуваат дека за развој на стабилен систем се потребни јасни правила, правна сигурност и еднакви услови за сите учесници на пазарот. Според нив, само со доследна примена на законите, фер конкуренција и континуирани инвестиции може да се постигнат националните и европските цели.

Во 2024 година, според податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање, на домашниот пазар биле пласирани 112.649 тони отпад од пакување. Преку системите на проширена одговорност на производителите биле рециклирани околу 65 проценти од евидентираните количини.

Најдобри резултати се постигнати кај хартијата и картонот, додека пластичната амбалажа останува еден од најголемите предизвици, со стапка на рециклирање од околу 39 проценти.

Дополнителен проблем претставуваат повеќе од 32.000 тони амбалажен отпад кои не се евидентирани во системот, што според Асоцијацијата создава нелојална конкуренција и го отежнува функционирањето на секторот.

Како важен чекор кон приближување до европските модели се посочува најавената инвестиција на „Пакомак“ во првиот современ погон за автоматско селектирање отпад од пакување во Македонија. Инвестицијата вредна над 2 милиони евра треба да овозможи примена на современа технологија, вештачка интелигенција и дигитални системи за попрецизна селекција на отпадот.

Новиот погон ќе овозможи отпадот од пакување да се третира како ресурс што може повторно да се враќа во употреба, наместо да завршува на депонии, со што Македонија би направила значаен чекор кон европските стандарди во управувањето со отпадот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс