Недостигот на паркинг места, растот на бројот на автомобили и ограничениот јавен простор одамна не се проблем само на Општина Центар. Истите предизвици ги имаат и бројни европски градови, кои во последните години воведуваат нови политики за управување со паркирањето, со цел јавниот простор да биде подостапен и поправедно распределен.
Во таа насока се движат и измените што ги воведува ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ). Новиот модел се заснова на принципи што веќе функционираат во повеќе европски градови: поврзување на резидентното паркирање со адресата на живеење, ограничување на прекумерното користење на јавниот простор и давање предност на жителите.
Амстердам: Една дозвола по стан
Амстердам е еден од најпознатите европски примери за строга политика на паркирање. Во централните градски подрачја се применува систем според кој се издава само една паркинг дозвола по станбена единица, без разлика колку возила поседува семејството.
Доколку домаќинството има втор автомобил, сопственикот мора да обезбеди приватно гаражно место, наместо да користи јавен простор. Ваквата политика придонела за значително намалување на сообраќајниот притисок во станбените зони.
Виена: Повластиците се врзуваат со местото на живеење
Сличен модел применува и Виена, каде што резидентната дозвола е директно поврзана со примарното место на живеење. Со тоа, користењето на јавниот паркинг не претставува неограничено право, туку регулирана можност наменета пред сè за жителите на одредена зона.
Германија: Прво искористете ја сопствената гаража
Во германските градови, како Хамбург и Минхен, правилата се уште построги. Повластена резидентна карта може да добие само лице кое ќе докаже дека нема сопствено гаражно или приватно паркинг место.
Со овој пристап се спречува практиката приватните гаражи да се користат како магацини, додека автомобилите се оставаат на јавните улици, што овозможува поефикасно искористување на ограничениот паркинг простор.
Според ПОЦ, токму ваквите европски искуства покажуваат дека современото управување со паркирањето не подразбира создавање нов простор, туку подобра организација и поодговорно користење на постојниот капацитет.