По најавата за изградба на Национален дата центар, ДОМ поставува повеќе прашања поврзани со еколошките последици од проектот. Од партијата посочуваат дека во досегашните информации од Министерството за дигитална трансформација е наведено дека е изработена физибилити студија која ја потврдува техничката и финансиската изводливост, но нема информации за еколошките аспекти.
Според ДОМ, доколку Националниот дата центар треба да биде стратешка инфраструктура што ќе ѝ служи на државата во наредните децении, јавноста има право да знае какви ќе бидат неговите енергетски, климатски и еколошки импликации.
Од партијата потсетуваат дека дата центрите се меѓу најголемите потрошувачи на електрична енергија, вода и други ресурси, додавајќи дека стандардот Tier III обезбедува сигурност во функционирањето, но не претставува гаранција за еколошка одржливост.
ДОМ бара Министерството за дигитална трансформација и Владата да одговорат дали е спроведена или ќе се спроведе постапка за оцена на влијанието врз животната средина, колкава ќе биде годишната потрошувачка на електрична енергија, како ќе се обезбедуваат обновливите извори на енергија и колкав дел од потрошувачката ќе покриваат.
Дополнително, партијата бара информации за предвидениот систем за ладење, очекуваната потрошувачка на вода, како и дали паралелно ќе се модернизира електроенергетската и водоводната инфраструктура за да се обезбеди квалитетно снабдување за граѓаните.
Според ДОМ, дигиталната трансформација може да биде успешна само доколку уште во фазата на планирање се обезбедат целосна транспарентност и усогласеност со највисоките еколошки стандарди. Од партијата порачуваат дека дигиталната и зелената транзиција мора да се развиваат паралелно и во интерес на граѓаните.