Марија Костраки и „Mosaico Mediterraneo“ ги донесоа звуците на Медитеранот во Скопје

Грчката сопранистка и ансамблот настапија на 7 ноември со музички спој на класиката, џезот, традиционалните мелодии и современата грчка песна.

Марија Костраки и грчкиот ансамбл „Mosaico Mediterraneo“ вчера, 7 ноември, одржаа концерт во Скопје, со програма што ги поврзува различните музички традиции на Медитеранот. Настапот беше најавен од Амбасадата на Грција во Северна Македонија.

Пред почетокот на концертот, публиката ја поздрави амбасадорот на Грција, Јоанис Малукос. Во изјава по повод настапот, тој ја истакна улогата на културата во зближувањето на двете земји.

„Уметноста и културата ги зближуваат луѓето и се надеваме дека токму тоа ќе го постигне вечерашниот концерт. Преку нив можеме дополнително да ги унапредиме и зацврстиме односите меѓу нашите два народа“, изјави Малукос.

Ансамблот, предводен од сопранистката Марија Костраки, обединува музичари од светот на класичната музика, џезот и импровизацијата. Нивниот музички израз се гради низ средбата на класичните композиции, традиционалните мелодии и современите грчки песни.

Костраки има настапувано на значајни меѓународни сцени, меѓу кои и њујоршкиот „Карнеги хол“. Во „Mosaico Mediterraneo“, нејзиниот глас е дел од поширока музичка замисла во која се преплетуваат различните искуства и сензибилитети на членовите на ансамблот.

Важна улога во обликувањето на тој звук има Антонис Сусамоглу, виолинист на Државниот симфониски оркестар на Солун. Неговиот творечки пристап ги поврзува различните музички традиции во заеднички медитерански израз.

Сопранистката Марија Костраки пред настапот објасни дека „Mosaico Mediterraneo“ е музичко патување низ заедничките традиции на Медитеранот, кое опфаќа различни епохи, од барокот до денес.

„Ова патување покажува дека чувствата на луѓето и начинот на кој ги изразуваат останале исти низ времето. Истовремено, ни покажува дека земјите имаат повеќе заеднички нешта отколку разлики“, изјави Костраки.

Таа најави репертоар со дела од Монтеверди, Шарпантје и Качини до Манос Хаџидакис, како и обработки на традиционални грчки, балкански, шпански и француски мелодии, со музички влијанија што се протегаат до источниот Медитеран.


„Едвај чекаме да ја запознаеме публиката. Салата е прекрасна, многу сме среќни што сме тука и благодарни сме за пречекот“, рече Костраки пред концертот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс