Кој е Гади Ајзенкот, генералот што може да го смени Нетанјаху?

Поранешниот началник на израелскиот Генералштаб прв добива шанса да формира влада по изборите. За да го замени Нетанјаху, ќе мора да ги надмине поделбите меѓу неговите сојузници и да обезбеди дополнителна парламентарна поддршка.

Гади Ајзенкот со години ја предводеше израелската армија додека Бенјамин Нетанјаху беше премиер. Потоа седеше во неговиот воен кабинет, се повлече поради несогласувањата за војната во Газа и стана негов главен политички противник. Сега добива можност да состави влада што би го завршила владеењето на Нетанјаху.

Израелскиот претседател Исак Херцог во саботата навечер соопшти дека првата шанса за формирање влада ќе му ја довери на Ајзенкот. Официјалното доделување на мандатот е предвидено за недела попладне, пишува „Њујорк тајмс“.

Ајзенкот, лидер на партијата Јашар од десниот центар, ќе има до шест недели да обезбеди мнозинство. Резултатите од изборите на 27 октомври го прават тој потфат особено тежок: блокот на Нетанјаху освои 53 пратенички места, Ајзенкот и неговите сојузници 48, а двете арапски партии рекордни 19. За мнозинство во Кнесетот се потребни 61 од вкупно 120 пратеници.

Како Ајзенкот стигна од армијата до политиката?

Ајзенкот има 66 години и најголемиот дел од професионалниот живот го поминал во војската. Роден е во Тиберијас, на северот на Израел, во семејство на доселеници од Мароко. Пораснал во Еилат, на југот на земјата. Оженет е и татко на пет деца.

Кариерата ја започнал во пешадијата и постепено напредувал до највисоките командни позиции. Во 2003 година, во екот на Втората интифада, ги предводел израелските воени операции на Западниот Брег.

Во 2015 година станал началник на Генералштабот. На таа функција останал до почетокот на 2019 година, под владата на Нетанјаху.

Во политиката влегол во 2022 година. Неговото политичко искуство е релативно кратко: според „Њујорк тајмс“, досега поминал само дел од еден пратенички мандат во парламентот и осум месеци како министер.

Ајзенкот како началникна генералштабот на Израелските одбранбени сили

Зошто се раздели со Нетанјаху?

По нападот предводен од Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, Ајзенкот се приклучил на воениот кабинет на Нетанјаху.

Се повлекол во јуни 2024 година, по осум месеци. Причината било несогласувањето со инсистирањето на премиерот на „целосна победа“, наместо постигнување договор со Хамас за ослободување на заложниците.

Војната во Газа го погодила и лично. Во неа загинале еден од неговите синови и двајца внуци. Ајзенкот изјавил дека се надева оти ќе биде достоен за огромната жртва на својот син и дека ќе придонесе за подобра иднина на децата.

Во 2025 година ја основал партијата Јашар, чие име на хебрејски значи „прав“ или „чесен“. Со неа се обидел да привлече гласачи од центарот и десниот центар, загрижени за политичкиот правец на коалицијата на Нетанјаху.

Што би променил како премиер?

Ајзенкот настапил со ветување дека ќе ја зачува безбедноста на Израел и ќе ја насочи земјата кон политичка стабилност по четири турбулентни години под тврдодесничарската влада на Нетанјаху.

Во кампањата поддржал истрага за безбедносните и разузнавачките пропусти што му претходеле на нападот од 7 октомври. Меѓу главните теми му биле и спорните обиди на Нетанјаху да ја ослаби судската власт.

Ајзенкот се залага за поограничено ширење на израелските населби на Западниот Брег. Ветил дека ќе го спречува насилството од доселениците, кое го нарекол „еврејски тероризам“.

Неговата кампања опфатила и промена на политиките што предизвикаа меѓународни критики и придонесоа за изолацијата на Израел.

Какви се неговите ставови за Палестинците, Иран и Хезболах?

Ајзенкот ја отфрла можноста за палестинска држава, барем во блиска иднина. Во тој поглед неговиот став е близок до позицијата на Нетанјаху.

Сличности постојат и во пристапот кон заканите од Иран и од Хезболах во Либан. Во 2008 година токму Ајзенкот ја формулирал „доктрината Дахија“, според која одвраќањето на Хезболах треба да се постигне со разорен одговор на неговите напади.

Овие позиции покажуваат дека евентуалната промена на премиерот би задржала значителен дел од досегашниот израелски безбедносен пристап.

Може ли да собере мнозинство за влада?

Ајзенкот и неговите сојузници имаат 48 пратеници, па за мнозинство им се потребни уште најмалку 13.

Една можност е соработка со двете арапски партии. Но дел од десничарските партии во неговиот блок веќе соопштиле дека нема да учествуваат во влада што зависи од нивната поддршка.

И Ајзенкот поставил услови што арапските партии засега не ги исполниле, меѓу кои и јавно да го означат Хамас како терористичка организација.

Друга можност е да привлече дел од партиите што досега го поддржуваа Нетанјаху. Меѓу потенцијалните партнери се ултраортодоксните партии, но дел од сојузниците на Ајзенкот водеа кампања токму против нив.

Минатата недела Ајзенкот најавил дека ќе работи на формирање влада за справување со вонредната состојба во земјата, со цел што побрзо да го смени Нетанјаху. Според „Њујорк тајмс“, тоа најверојатно би значело малцинска влада што ќе се потпира на арапските партии за да преживее гласање недоверба.


Доколку не успее во предвидениот рок, можноста за составување влада би можела да премине кај друг кандидат, најверојатно кај Нетанјаху.

е-Трн да боцка во твојот инбокс