Дали е поевтино греењето да работи цел ден или да се вклучува по потреба?

Со доаѓањето на студените денови, многу домаќинства повторно се прашуваат дали е поисплатливо греењето да работи цел ден или да се вклучува само кога е потребно. Експертите велат дека во повеќето случаи е подобро второто, но има и исклучоци.

Со доаѓањето на студените денови, во многу домаќинства повторно се поставува истото прашање: дали е поевтино греењето да работи цел ден или да се вклучува само кога е потребно? Одговорот е важен, бидејќи сметките за греење се една од најголемите ставки во месечниот буџет во зимските месеци.

Британските експерти за заштеда на пари го истражиле ова прашање и дошле до заклучок дека во повеќето случаи е поисплатливо греењето да се вклучува по потреба. Врз основа на препораките на стручњаците и на искуствата на корисниците, тие наведуваат дека постојаното греење води до поголемо губење на топлината, а со тоа и до повисоки сметки.

Слична препорака имаат и организациите за енергетска ефикасност, кои советуваат домот да се загрева само кога е потребно. Најдобро решение е програмабилен термостат, со кој посакуваната температура може да се постигне точно во одредено време, на пример пред да се вратите од работа или пред да станете наутро.

Сепак, постојат ситуации во кои одржувањето постојана, но пониска температура е поисплатливо. Според стручњаците за системи за греење, тоа важи особено за домовите со модерни кондензациски котли или топлински пумпи, особено ако членовите на домаќинството поголемиот дел од денот го поминуваат дома.

Во тие случаи, одржувањето температура од 18 до 19 степени може да ја намали потрошувачката на енергија. Постепеното загревање им овозможува на модерните котли поефикасно да ја искористат топлината, наместо температурата нагло да се крева кога просторот веќе ќе се излади.

Ваквиот пристап особено се препорачува за домаќинствата со добра изолација, изолирано поткровје или подно греење. Ако, пак, често не сте дома или ако ѕидовите ви се од гипс-картонски плочи, кои брзо се загреваат, но и брзо се ладат, постојано вклученото греење веројатно не е најдобриот избор.

Дел од експертите истакнуваат дека постојаната температура има и друга предност. Таа може да помогне во спречувањето на кондензацијата, влагата и мувлата, кои се чест проблем во ладните и слабо проветрени домови и можат да влијаат и врз здравјето.

Бидејќи не постои решение што одговара на секое домаќинство, експертите предлагаат едноставен експеримент. Една недела користете го греењето само кога ви е потребно, а следната недела обидете се да одржувате постојана, пониска температура.


Запишете ја состојбата на броилото на почетокот и на крајот од секој период и споредете ја потрошувачката. За споредбата да биде што посигурна, важно е да изберете периоди со што послични надворешни температури, бидејќи една студена недела може целосно да ги измени резултатите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс