Може ли деменцијата да се открие пред првите симптоми?

Британски истражувачи ќе развиваат вештачка интелигенција за порано препознавање на ризикот од деменција и побрзо поставување дијагноза.

Истражувачки проект предводен од Универзитетот во Ексетер ќе развива системи со вештачка интелигенција за рано откривање на деменцијата и намалување на ризикот од нејзино појавување, пренесува Би-би-си.

Проектот BRAINIAC, вреден 20 милиони фунти, ќе обедини снимки од мозокот, генетски податоци, биомаркери во крвта и дигитални тестови на когнитивните способности. Целта е лекарите да добијат појасна слика за здравјето на мозокот на секој пациент.

Во шестгодишното истражување учествуваат 11 универзитети и десет установи на британската Национална здравствена служба. Првите специјализирани клиники треба да почнат со работа во 2029 година.

Истражувачите имаат цел да го скратат времето за процена и дијагностицирање за 30 до 50 проценти.

Според раководителот Дејвид Луелин, системите треба да помогнат во препознавањето на првите знаци пред појавата на симптомите. Пациентите потоа би добивале персонализиран план за превенција.

Станува збор за истражувачки цели, чија успешност допрва ќе се проверува во клиничката практика.


Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс