Публиката на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе има можност да ужива во настапот на едни од најпознатите македонски оперски уметници, Игор и Ана Дурловски, кои ќе настапат заедно со камерниот оркестар „Ајга“.
Концертот ќе се одржи на сцената „Долни Сарај“, а со оркестарот ќе диригира маестра Ана Спасовска.
Басот Игор Дурловски дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисока оценка „Cum Laude“. Своето деби во Македонската опера и балет го има во 1999 година, по што учествува во бројни оперски продукции.
Неговата меѓународна кариера започнува во 2001 година во Виенската камерна опера, каде ја толкува улогата на Нонакоур во операта „Флорентинската сламена шапка“. Потоа следуваат настапи во повеќе европски оперски куќи, меѓу кои Државниот театар во Касел, Операта во Лајпциг, Театарот во Линц и Државниот театар во Штутгарт.
Дурловски настапувал и на сцени во Кина и Хонг Конг, а соработувал со филхармониски оркестри во Белград, Москва и со Македонската филхармонија. Во својата кариера има настапувано во повеќе од дваесет држави низ светот.
Сопранот Ана Дурловски е една од најуспешните македонски оперски уметници на меѓународната сцена. По завршувањето на студиите на ФМУ во Скопје, дебитира како Лучија во операта „Лучија ди Ламермур“ од Доницети во Македонската опера и балет.
Нејзиниот талент ја носи на голем број европски сцени, а во 2006 година дебитира во Виенската државна опера како Кралица на ноќта во „Волшебната флејта“ од Моцарт. Истата улога ја изведува и во Баварската државна опера, Берлинската опера и Германската опера во Берлин.
Од 2006 до 2011 година е дел од ансамблот на Операта во Мајнц, каде толкува значајни улоги, а подоцна станува солистка на Државната опера во Штутгарт. Нејзината интерпретација во операта „Месечарка“ ѝ ја носи престижната награда „Фауст“ за најдобра женска улога во Германија, а списанието „Опернвелт“ ја прогласува за откритие на годината.
Ана Дурловски настапувала и на престижни светски сцени, меѓу кои операта во Мадрид и њујоршката „Метрополитен“, каде дебитира во 2014 година како Кралица на ноќта. Таа настапувала и со Берлинската филхармонија, на фестивалот во Баден Баден и на други значајни меѓународни музички настани.