Само неколку дена пред настапот на Skopje Calling на 21 јули, британската соул ѕвезда Joss Stone разговараше со Трн за тоа како изгледа концерт што треба да им донесе радост на луѓето, зошто сè уште ја памети Каролина Гочева, како ја доживува публиката и зошто секој настап за неа е како прв состанок. Во разговорот открива и дека работи на нов диско албум, но и дека најважно ѝ е луѓето да си заминат од концертот полесни, послободни и посреќни отколку што дошле.

Трн: По неколку дена повторно доаѓаш во Скопје, каде што на 21 јули ќе настапиш на Skopje Calling. Што може да очекува публиката и со какво чувство сакаш луѓето да си заминат од концертот?
Joss: Тоа е најдоброто прашање за почеток, затоа што токму за тоа размислувам постојано како ќе се чувствуваат луѓето? Која е целта на нашето доаѓање? Сè е за чувството. За мене е најважно да пренесам добро чувство, но „добро“ е многу широк поим. Зависи што му треба на човекот тој ден. Би сакала нашата музика, и сите ние како бенд, да му помогнеме токму во тоа, да го добие она што му недостига.
Можеби некому му треба олеснување од притисокот, можеби само неколку часа слобода. Некому му треба да престане да размислува за проблемите, а на некого токму музиката ќе му помогне да се соочи со нив. Некој ќе сака да се исплаче, друг само да танцува и да ја почувствува енергијата.
Токму така го градиме концертот. Во моментов работам на нов диско албум и таа енергија се чувствува и во оваа турнеја. Почнуваме со диско кавери за луѓето веднаш да се опуштат, а потоа патуваме низ песни од различни периоди од мојата кариера. Сакам концертот да биде мало патување, што и да им треба на луѓето, се надевам дека ќе го најдат таму.

Каролина Гочева е една од причините поради кои го паметам Скопје
Трн: Не ти е првпат во Скопје. Пред години ја отпеа „Кој да ми запее“ со Каролина Гочева. Што најсилно ти остана во сеќавање од таа посета?
Joss Stone: Најмногу ја паметам токму таа соработка. Искрено, тоа е првото нешто што ми доаѓа на ум. Каролина беше прекрасна – не само како пејачка, туку и како човек. Имаше некоја мирна, длабока енергија и љубов што зрачеше од неа. Тоа навистина ми остана во сеќавање. Се сеќавам и на паркот, на тоа како ја учевме песната… Но најмногу ги паметам луѓето.
Секогаш велам дека местата ги прават луѓето. Не се работи за зградите или улиците. Може да имаш најубав простор на светот, но ако луѓето не се поврзат, ништо не значи. Се надевам дека овојпат ќе имам повеќе време да го прошетам градот.
Трн: Соул музиката никогаш не била музика што ги следи трендовите, а сепак никогаш не исчезнува. Зошто луѓето сè уште имаат потреба од неа?
Joss: Затоа што соулот не е само музички жанр. Соул може да постои во џез, во блуз, во R&B, во хип-хоп, па дури и во опера. Тоа е човечки израз. Луѓето секогаш ќе се поврзат со нешто што е искрено.
Секој има различен вкус некој сака хеви метал, некој класика, некој поп и тоа е прекрасно. Јас навистина сакам речиси сè. Единственото што ми е важно е музиката да доаѓа од срце.

Трн: Кариерата ја почна на само 16 години, а денес зад себе имаш повеќе од две децении на сцена. Како денес го слушаш својот глас во споредба со почетоците?
Joss: Кога ги слушам тие стари снимки, искрено се прашувам зошто толку им се допаднаа на луѓето. Тогаш немав вокална техника. Имав само искреност. Веројатно луѓето го почувствуваа токму тоа духот, срцето, човечноста.
Денес е поинаку. Сега имам и повеќе искуство и подобра техника, што ми овозможува уште послободно да се изразувам. Многу сум благодарна што продолжувам да учам.
Секој концерт е како прв состанок
Трн: Како знаеш дека навистина си се поврзала со публиката?
Joss: Тоа е еден круг на енергија. Јас давам енергија, тие ми ја враќаат, па повторно јас нив. И во еден момент веќе не знаеш кој кому дава, сите стануваме дел од истата енергија. Некои публики се многу гласни, други внимателно слушаат. И двете можат да бидат прекрасни.
Најлошо е кога луѓето не се таму поради музиката, туку разговараат меѓу себе и ти стануваш само шум во позадина. За среќа, тоа многу ретко се случува. Јас секој концерт го доживувам како прв состанок. Не знаеш што ќе се случи. Можеби ќе се роди вистинска врска, можеби не. Но секогаш се надевам дека ќе се случи магија.

Трн: Настапуваше на сите континенти, од големи арени до мали клубови и села. Кој концерт никогаш нема да го заборавиш?
Joss: Имало многу. Еден од омилените ми беше во Свазиленд, на едно мало место опкружено со полиња со шеќерна трска. Публиката беше неверојатна. Никогаш нема да го заборавам ниту концертот во Венецуела. Луѓето беа толку возбудени што не можевме ни да го почнеме настапот од нивните овации.
Токму таквите моменти остануваат засекогаш.
Трн: Каква порака имаш за публиката што ќе те дочека во Скопје на 21 јули?
Joss: Најмногу се надевам дека ќе уживаат. Ви благодарам што повторно ме поканивте во толку убав дел од светот. Дојдете со отворено срце, оставете ги грижите барем на неколку часа и понесете ги танцувачките чевли. Ќе пееме, ќе танцуваме и, се надевам, сите заедно ќе си заминеме со чувство на слобода и радост.
Тоа е целата поента на музиката.