„Коулун, заградениот град“ е новиот роман на Јана Узунова

Издавачката куќа „Или Или“ на 20 јули ќе го објави романот „Коулун, заградениот град“ од Јана Узунова, јубилејно 250. издание во едицијата ПРОаЗА. Делото е инспирирано од легендарниот Kowloon Walled City во Хонг Конг и носи приказна за преживување, човечност и надеж во свет исполнет со насилство и сиромаштија.
Screenshot

Издавачката куќа „Или Или“ информира дека во понеделник, 20 јули, од печат ќе излезе романот „Коулун, заградениот град“ од македонската писателка Јана Узунова. Книгата е јубилејно, 250. издание во едицијата ПРОаЗА.

Романот е мрачно, динамично и визуелно впечатливо дело во кое просторот има еднакво значајна улога како и ликовите. Коулун е прикажан како жив организам исполнет со тесни ходници, влага, чад, сиромаштија и насилство, но и како место во кое, и покрај суровите услови, опстојуваат солидарноста, лојалноста и надежта.

Основата на приказната е инспирирана од вистинскиот Kowloon Walled City во Хонг Конг, некогаш едно од најгусто населените места во светот. Поради специфичниот правен статус, населбата со години функционирала без вистинска државна контрола, создавајќи средина обележана со нелегални активности, но и силно чувство на заедништво меѓу жителите. Иако градот бил урнат во периодот од 1993 до 1994 година, останал симбол на човечката издржливост.

Во центарот на романот се ликовите отец Бил, Лотос, Алфи, Сачихиро и Добрански, преку кои авторката ги отвора темите на верата, љубовта, вината, стравот, насилството и можноста за искупување. Наспроти нив стои Големиот Брат, симбол на криминалот и изопачената моќ.

Романот се одликува со богат и сликовит стил, во кој секој мирис, звук и предмет добиваат симболично значење. Преку силна атмосфера и психолошка длабочина, Јана Узунова создава приказна што ја спојува авантуристичката нарација со размислувања за човечката природа, опстанокот и добрината во најтешките околности.

Јана Узунова е родена во Скопје во 1988 година. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а во 2019 година го објави својот прв роман „Вергина“. „Коулун, заградениот град“ е нејзино второ романескно остварување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс