Герила акција со двометарски кондом во Скопје: Повик за заштита на личните податоци

Акцијата е изведена во форма на огромен кондом, висок 2,2 метри и широк 60 сантиметри, во кој се поставени зголемени принтови од лични карти, возачки дозволи

Групата „Урбани уметнички акции – реализираше нова урбана уметничка акција посветена на заштитата на личните податоци и подигнувањето на свеста за можните последици од нивната злоупотреба.

Акцијата е изведена во форма на огромен кондом, висок 2,2 метри и широк 60 сантиметри, во кој се поставени зголемени принтови од лични карти, возачки дозволи, кредитни картички и други документи што содржат лични и чувствителни податоци.

Идејата на акцијата е кондомот, како едно од најпрепознатливите средства за заштита, да се искористи како јасна и директна визуелна метафора за потребата од посериозен и повнимателен однос кон сопствените лични податоци. Како што се заштитуваме себеси и сопственото здравје, така треба да ги заштитуваме и информациите преку кои може да бидат загрозени нашата приватност, идентитет и финансиска сигурност.

Секојдневно сè поголем број граѓани се соочуваат со различни форми на злоупотреба на личните податоци. Во полесните случаи тоа подразбира несакани електронски пораки, телефонски повици, реклами и претплати за кои граѓаните не дале согласност. Во посериозните случаи последиците можат да бидат кражба на идентитет, злоупотреба на платежни картички, празнење банкарски сметки, склучување договори или подигнување брзи кредити во туѓо име.

Со оваа урбана уметничка интервенција сакаме да ги потсетиме граѓаните дека личните документи, броевите од платежните картички, лозинките, матичниот број и другите лични информации не треба да се споделуваат непромислено, ниту да се испраќаат на непроверени лица, интернет-страници и профили на социјалните мрежи.

Преку едноставен, препознатлив и провокативен визуелен јазик, акцијата ја испраќа пораката дека заштитата започнува од секој од нас. Само со внимателно однесување и со поголема свест за вредноста на личните информации можеме да го намалиме ризикот од измами и други форми на злоупотреба.

Акцијата е поставена на кејот на Вардар во близина на Kамениот мост.

е-Трн да боцка во твојот инбокс