Не сум сигурна како да погледнам напред и да замислам нешто ново, ако не сум способна да артикулирам колку во суштина тоа е тешко, страшно и кревко. Секојпат кога пишувам, одново ги преиспитувам тие лични емотивни капацитети и се надевам дека само ќе растат, од тука па натаму. Ништо не е статично, ниту сигурно – помислувам по илјадити пат во денот, но, ништо не е ниту веќе завршено, освоено и победено – се наоѓаме во еден празен простор измеѓу тоа како сакавме да биде и што треба да направиме кој може да се гледа од повеќе перспективи. Во овие размисли, во суштина, не можам да го одвојам делувањето за новите идеи од активното преиспитување на ранливоста и способноста како луѓе да делуваме отворено за да можеме да спасиме делови од себе, од другиот и од она што не опкружува.
Проклето е предизвикувачки да се биде ранлив и соголен пред болката и чувстувањето во вакви облици на живеење кои те предизвикуваат на сосема спротивното и тотално го разобличуваат она човечкото на кое се надеваме колективно дека можеби поактивно ќе се ослободи, па ќе тргнеме во некоја нова насока. Во толку многу болка и толку многу страв, мислам дека се плашиме да бидеме ранливи, а со тоа и да го понудиме тој нов, емотивен отпор кон сивилото кое ни се заканува на сите полиња. Ама, што друго имаме како потентна можност за која нема само несигурно да размислуваме, туку цврсто ќе ѝ веруваме?
Ранливоста како отпор во јавниот и приватниот живот, како почеток, како артикулација на насобраното, како тагување и чувстување и сакање е нужно тој систем на поддршка кој од секој еден преминува во заедницата и го гради чувството на солидарност преку нејзините механизми. Ме фасцинираат и длабоко трогнуваат луѓе кои активно ја искажуваат и пренесуваат и ја разглобуваат и ја отвораат како тема на дискусија секаде каде што можат. Н
е можам да се преправам дека сме исполнети од површноста на секојдневнието, исто како што не можам да тврдам дека учењето на ранливоста како уште една пракса, не е еден комплексен и мачен процес. Но, што ако не ранливост, за да можеме да се видиме едни со други (тие што останавме овде) и да почувстуваме некакво разбирање, мешавина од емоции и можна надеж. За да не се изгаси сè, вклучувајќи ги и нашите чувства. Што, ако не ранливост, за да сфатиме колку често сме себични и го исклучуваме гледањето на општеството како целина која е толку шаренолика и слоевита, па тагуваме и болуваме и зборуваме најчесто кога работите директно се однесуваат на нас? Како, ако не преку искреност и преку можноста сами и другите да се видиме онакви какви што сме, за воопшто да можеме да погледнеме кон светов каков што сакаме да биде?
Кога гледаме во себе и во својата болка, отворено гледаме и во она што го боли тој свет кој сакаме да го создадеме. Дел од потребата да се биде искрен пред реалноста овозможува да видиме како директно учествуваме во тоа, ама и како можеме да кажеме стоп или некако да придонесеме кон крајот на многу неправди. Оттаму, не е лесно да се биде храбар, да се дозволи сета непријатност низ себе, ниту тоа некогаш ќе биде. Ама мислам дека останува еден од малкуте начини како да прекинеме да се повредуваме себеси и опкружувањето. Таа отвореност, таа искреност и распрскување на себеси во просторот преку своите емоции има цел, смисла и нежноста која мора да си ја дадеме едни на други се наоѓа во неа. Впрочем и она што би можеле ние да го дадеме и да се поврземе себеси и заедницата токму преку идејата дека чувстувањето и делувањето како никогаш досега ќе бидат заедно и важни на овој начин.
Поврзувањето на приватното и јавното, политичкото и приватното оди директно преку нив. На јавниот дискурс како никогаш досега му е потребно признавање на нашата кршливост, несовршеност нашата болка, бес и лутина во контекст кој бара промени. Првиот чекор за тоа, е да си ја дозволиме себеси и да се разбереме преку неа. За да можеме не само да зборуваме туку и да практикуваме грижа, солидарност, верба, мотивирани акции и подготвеност да бидеме тука и сега преку нови пристапи кои ќе не доближуваат едни до други. Само таму длабоко во истражувањето на нашите внатрешни капацитети може да се најде смислата да се истрае. А истрајноста станува моќ и поддршка кога е споделена и разбрана. Токму тоа ни треба.