Седум работи што треба да ги направите пред детето да тргне на училиште

Училиштето почнува за неколку дена. Седум работи што родителите треба да ги направат навреме, од сон и рутина до телефони, самостојност и подготовка за првиот ден.

За неколку дена, десетици илјади деца во земјава повторно ќе седнат во училишните клупи. Подготовките што повеќето семејства ги прават во последните денови најчесто се сведуваат на купување прибор, облека и ранец. Но она што навистина одредува како ќе помине првата недела почнува многу порано и има малку врска со училишниот прибор. Еве што вреди да направите навреме.

Вратете го раното легување навечер

Летниот распуст ја поместува целата дневна структура легнувањето се одложува, будењето се поместува, а оброците се распоредуваат многу послободно. Враќањето на стариот ритам не се случува преку ноќ. Практичното правило е времето постепено да се поместува, легнувањето и будењето да бидат 15 до 30 минути порано секој ден или секој втор ден, сè додека не се стигне до посакуваното време.

Ако до првиот училишен ден останале само неколку дена, поместувањето може да биде пократко, но важно е процесот да започне пред првиот училишен ден, а не од него.

Најавете го датумот – не дозволувајте да дојде одеднаш

Детето треба однапред да знае што следува. Тоа звучи очигледно, но во пракса родителите често го избегнуваат разговорот за училиштето за да не му ја расипат последната недела од распустот. Ефектот може да биде спротивен. Кога датумот доаѓа без најава, преминот е нагол и токму тогаш може да се појават реакции што родителите ги толкуваат како отпор кон училиштето.

Најавата не мора да биде свечена. Доволно е во секојдневните разговори природно да се споменува што ќе се случува и кога.

Проверете дали ги има вештините што изгледаат безначајно

Врзување чевли. Закопчување јакна. Отворање шише со вода. Пакување и распакување на сопствениот ранец. Наоѓање тоалет и самостојно снаоѓање во него. Многу родители се изненадуваат кога, на прагот на училиштето, ќе сфатат дека нивното дете не ги совладало овие работи, едноставно затоа што дотогаш немало потреба да ги прави само. Во училница со 25 деца, наставникот не може да ги решава ваквите ситуации поединечно. Детето што не се снаоѓа брзо може да почувствува непријатност или несигурност.

Овие вештини се вежбаат за неколку дена, но само ако некој се сети да ги провери навреме.

Вратете ја физичката активност

Летото носи или премногу движење или премногу седење, ретко нешто помеѓу. Враќањето на редовна физичка активност, дури и во форма на секојдневна прошетка, може да помогне и за спиењето и за концентрацијата во првите недели. Причината е едноставна: со почетокот на училиштето детето треба да поминува значително повеќе време седејќи и концентрирајќи се отколку во претходните два месеца.

Вратете го разговорот за денот

Една едноставна навика што многу семејства ја губат во текот на летото е секојдневниот разговор за тоа како поминал денот. Вреди да ја вратите пред почетокот на училиштето, а не откако ќе се појави проблем. Причината е практична. Ако оваа навика веќе постои кога ќе започне учебната година, детето има воспоставен начин да раскаже што му се случило во училницата. Ако не постои, првите проблеми лесно можат да останат неизговорени.

Договорете ги границите за телефоните и атаблетите пред почетокот, не потоа

Ова е разговор што е многу полесно да се води во август отколку во октомври. Договорот околу тоа кога и колку ќе се користат телефонот, таблетот или другите уреди, особено во училишните денови, треба да постои пред почетокот на учебната година.

Прашањето веќе стигна и до самите училишта. Чешка поднесе предлог-закон со кој од септември 2027 година би се забраниле мобилните телефони во училиштата, вклучително и за време на одморите, со образложение дека целта е да се намали времето пред екран и да се подобри концентрацијата.

Направете нешто заедно пред почетокот на наставата

Последната препорака е и најмалку практична, а можеби и најкорисна. Договорете една заедничка активност со детето пред враќањето на училишните обврски. Така преминот од распуст кон секојдневната рутина добива јасна граница. Наместо распустот едноставно да заврши, детето добива убав момент што заедно сте го избрале како негов крај.

Границата меѓу помош и преземање

Уште од првиот ден вреди да се има предвид една важна работа: помошта треба да значи охрабрување, а не преземање на обврските. Кога родителот ги завршува задачите наместо детето, пораката што може да стигне не е дека е сакано, туку дека не е способно само. Тоа долгорочно може да ја поткопа самодовербата токму во периодот кога таа треба да се гради.

За развојната страна на овој премин пишувавме подетално во текстот „Како тргнувањето на училиште го менува детето и семејството“.

Што велат психолозите?

Специјалистот по клиничка психологија Анастазија Наумовски за Трн објаснува дека реакциите што родителите ги слушаат во последните летни денови најчесто не значат она што на прв поглед изгледа. „Враќањето во школските клупи знае често да предизвика низа реакции кај децата, но и кај родителите“, вели таа.

Најлесно се препознаваат преку одговори како: „Остави ме“, „Ми се спие“, „Не ми се оди на училиште“, „Ме боли стомачето“. Клучното разграничување, според неа, е дека овие искази претставуваат отпор, но не мора да значат отпор конкретно кон училиштето. Најчесто станува збор за отпор кон враќањето во секојдневната рутина, која во текот на летниот распуст била значително изменета.

Затоа нејзиниот совет е временски прецизен: подготовката треба да започне најмалку две недели пред враќањето во училишните клупи. Тие две недели треба постепено да се искористат за враќање на рутината, навременото легнување и будењето, но и за повторно воспоставување на дневните обврски и физичката активност.

Сонот, нагласува Наумовски, е една од најважните основи за добро ментално здравје, па токму затоа не треба да се остава за последните денови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс