Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека патриотизмот не значи отфрлање на странските инвестиции, туку зголемување на приходите и економскиот капацитет на земјата.
Изјавата доаѓа во период на жестоки протести во Албанија, поттикнати од проектот за изградба на луксузен туристички комплекс во Звернец, поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Според Рама, инвестициите од ваков тип придонесуваат за економски раст и за поголеми приходи во земјата, пренесува албанскиот ABC News.
„Патриотизмот е зголемување на економскиот капацитет“
Рама порача дека Албанија не смее да се задоволи со досегашниот развој на туризмот, бидејќи, како што рече, тоа би можело да ја доведе земјата во ризик да стане зависна од масовен туризам.
„Патриотизмот е кога се зголемува економскиот капацитет на земјата. И кога се зголемува обемот на приходите во џебовите на пензионерите, во џебовите на оние што ѝ служат на државата и, секако, во џебовите на компаниите“, изјави Рама.
Тој додаде дека патриотизмот не е задоволување со она што е постигнато досега, туку продолжување на економскиот развој.
Протести пред парламентот во Тирана
Протестите продолжија и пред албанскиот парламент во Тирана, каде граѓани се собраа против премиерот Рама и неговата влада.
Протестот беше организиран паралелно со пленарната седница на парламентот.
Според албанските медиуми, ситуацијата ескалирала откако дел од демонстрантите почнале да фрлаат јајца кон пратениците, по што полицијата интервенирала.
Во судирите биле повредени девет полицајци и пет демонстранти, а 18 лица биле приведени.
Полицијата употребила солзавец и водни топови
Албанските медиуми јавуваат дека полицијата употребила солзавец, бибер спреј и водни топови за да ги растера демонстрантите.
Дел од учесниците во протестот фрлале камења кон полицајците, отстраниле дел од заштитната ограда и се обиделе да влезат во парламентот.
Биле оштетени и полициски возила, на кои им биле искршени прозорците, а според извештаите, биле фрлени и неколку „молотови коктели“.
Некои демонстранти влегле и во блиски ресторан каде што се наоѓале пратеници, фрлајќи јајца и брашно кон нив.
Осуди за насилството
Генералниот секретар на владејачката Социјалистичка партија и координатор на пратеничката група, Таулант Бала, го осуди насилството врз полицајците.
Во реакција на социјалните мрежи, тој повика на оградување од ваквите инциденти, нагласувајќи дека „крвта на полицијата е крв на државата“ и дека „кој ќе крене рака против нив, крева рака против државата“.
Демонстрантите носеа транспаренти со пораки како „Време е за будење“ и „Еден народ, еден глас, една иднина“.