Индискиот премиер Нарендра Моди најави формирање брзи судови за казнување на одговорните за протекувањето на испитни прашања, во првиот јавен одговор откако протестите во Индија веќе со денови бараат оставка на министерот за образование. Изјавата дојде часови откако демонстантите во среда навечер се судрија со полицијата во Њу Делхи.
Протестите се сметаат за најголем предизвик за Моди од страна на младите откако дојде на власт во 2014 година, и за најголема политичка криза во неговиот трет мандат, кој започна во 2024 година. Опозициските партии ги повторуваат барањата на движењето на младите и ја нарушуваат седницата на парламентот, која започна оваа недела.
„Ништо не е поважно од благосостојбата и иднината на нашата младост!”, напиша Моди на платформата X. Тој додаде дека одлучиле да формираат брзи судови за да се обезбеди брзо и строго казнување на вклучените во протекувањето на испитот и дека тоа е продолжение на нивните чекори за заштита на интересите на студентите. Оние што ќе се обидат да ѝ наштетат на иднината на младите нема да бидат поштедени, порача тој.
Брзите судови се посебни тела основани за брзо решавање определени случаи, со цел да се заобиколи преоптовареното индиско правосудство, на кое понекогаш му се потребни години за да заврши постапка, пишува Ројтерс. Ваков вид судови досега биле формирани за сексуални престапи против жени и деца, тероризам, перење пари и прекршоци на законодавци.
Сатиричната Партија на бубачки (ЦЈП), која минатиот месец ги започна протестите поради протекувањето на прашања за испит што погоди околу два милиони студенти и е поврзано со неколку самоубиства, одговори дека министерот за образование Дармендра Прадан мора да поднесе оставка. Барањето им е едно: оставка на министерот.
Лидерот на опозициската Конгресна партија Рахул Ганди, исто така, одговори на објавата на Моди, наведувајќи дека токму премиерот најмногу ѝ наштетил на иднината на индиската младост. Тој повтори дека Прадан треба да биде разрешен, дека Моди треба да им се извини на студентите, а оние што ги напаѓале протестите треба да бидат казнети.
Според локалните медиуми, на протестот во среда навечер во Њу Делхи се собрале над 10.000 луѓе, а лидерите на ЦЈП најавија дека протестите ќе продолжат сè додека Прадан не поднесе оставка. Основачот на ЦЈП, Абхиџит Дипке, изјави дека протестите нема да престанат до тогаш.
Дел од демонстрантите во среда навечер фрлале камења и пластични шишиња кон полицијата и повредиле неколку полицајци кои биле пренесени во болница, соопшти полицијата во Делхи, пренесува агенцијата АНИ. Во понеделникот, десетици илјади протестанти маршираа кон парламентот, а на одредени места се судрија со полицијата, која се обиде да ги растера со солзавец и палки.
Компанијата ДМРЦ, која управува со метрото во Њу Делхи, соопшти дека до понатамошно известување затвора 16 станици во и околу центарот на градот, што претставува второ големо затворање оваа недела од безбедносни причини.
Протестите на ЦЈП започнале како интернет сатира и на почетокот вклучувале само неколку стотици млади луѓе. Одговарајќи на долготрајниот притисок, владата на Моди одржа разговори со лидерите на ЦЈП и ги увери дека нивните барања ќе бидат разгледани, а понуди и прашањата да се дискутираат во парламентот, вклучително и реформи на испитниот систем.