Намаленото производство, нападите врз рафинериите и растот на цените на горивата создаваат дополнителен притисок врз рускиот енергетски сектор.
Русија во јуни го забележа најголемиот пад на производството на нафта во последните две децении, односно од 2006 година, покажуваат податоците на руската државна агенција за статистика „Ростат“. Намалувањето доаѓа во период кога рафинериите во земјата повторно се изложени на напади, што дополнително го нарушува производството и снабдувањето со горива.
Според официјалните податоци, производството на нафта во јуни било за 12 проценти пониско во однос на мај, а за 21,7 проценти помало во споредба со истиот месец минатата година. Во првата половина од 2026 година, вкупниот пад достигнал 7,7 проценти. Негативниот тренд започнал уште во април, кога производството било намалено за 9,2 проценти на годишно ниво, а во мај падот се продлабочил на 13,5 проценти.
Намаленото производство веќе се одразува на домашниот пазар на горива. Во повеќе делови од Русија е забележан недостиг на бензин, што придонесе и за зголемување на цените. Во периодот од 14 до 20 јули, цената на бензинот пораснала за 1,7 проценти, додека дизелот поскапел за 1,9 проценти.
Од почетокот на годината, бензинот поскапел за 18,3 проценти, а дизелот за 20,2 проценти, според статистиката на „Ростат“.
За да го ублажи недостигот на гориво, руската влада започна со увоз на бензин и дизел и воведе даночни олеснувања за увезените горива. Заменик-премиерот Александар Новак изјави дека пазарот покажува знаци на делумна стабилизација, иако во меѓувреме биле воведени и ограничувања во снабдувањето со гориво за одредени руски воени единици.