Професорката Вера Георгиева ја доби наградата „Константин Философ“ за животно дело за 2026 година

Признанието ѝ се доделува за долгогодишниот научноистражувачки и педагошки придонес во македонската филозофија, особено во проучувањето на античката и византиската филозофија.

Проф. д-р Вера Георгиева е добитничка на наградата „Константин Философ“ за животно дело за 2026 година. Одлуката ја донела едногласно комисијата за доделување на признанието, во состав проф. д-р Иван Џепароски, претседател, и проф. д-р Слаѓана Ристиќ Горгиев и проф. д-р Трајче Стојанов, членови.

Конкурсот за наградата бил распишан на 26 март, а пријавувањето траело до 1 октомври годинава.

Во образложението на одлуката, Комисијата ја издвојува Георгиева како една од најзначајните и најпрепознатливите македонски филозофски авторки. Нејзиниот научен придонес се огледува во авторството на неколку монографии, бројните трудови објавени во реномирани научни списанија и учеството на симпозиуми во земјата и во странство.

Особено се истакнува нејзината работа во областа на историјата на филозофијата, со посебен акцент на античката и византиската филозофија, како и нејзиниот прецизен пристап во толкувањето на сложените филозофски прашања.

„Како со својата научноистражувачка дејност, така и со својот педагошки ангажман и харизма, но и со напорите за поширока афирмација на значењето и вредноста на филозофијата, Георгиева на најдобар начин ја реализира просветителската мисија на филозофскиот ангажман“, се наведува во образложението.

Комисијата посочува и дека таа целиот свој работен век го поминала на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што придонела за развојот на филозофското образование и останала верна на просветителскиот дух на Светите Кирил и Методиј.

Четири децении посветени на филозофијата

Вера Георгиева (1950) припаѓа на втората генерација македонски филозофи. Магистерската теза „Хајдегеровото толкување на Хераклитовиот логос“ ја одбранила на Филозофскиот факултет во Белград, а докторската дисертација „Антрополошките импликации во филозофијата на исихазмот“ ја одбранила на Филозофскиот факултет во Скопје во 1991 година.

Од 1975 година до пензионирањето во 2017 година работела на Катедрата, односно Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. Предавала предмети од областа на античката, средновековната, ренесансната, византиската, арапската и еврејската филозофија, како и историјата на филозофијата.

Дел од предметите во универзитетскиот курикулум биле воведени токму по нејзина иницијатива. Меѓу нив е и Византиската филозофија, воведена во 1999 година, која има пошироко значење за македонската академска и културна заедница.

Георгиева е авторка на четири монографии и на бројни научни и стручни трудови објавени во домашни и меѓународни списанија и зборници. Во два мандата била претседателка на Редакцискиот одбор на „Годишниот зборник“ на Филозофскиот факултет во Скопје, а членувала и во одборите за доделување на наградата „Гоце Делчев“ и државната награда „Св. Климент Охридски“. Од 2012 до 2016 година била сенаторка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.


Свеченото врачување на наградата „Константин Философ“ ќе се одржи на 17 ноември 2026 година, со почеток во 9 часот, во Свечената сала на Филозофскиот факултет во Скопје. Настанот е дел од 23. одбележување на Светскиот ден на филозофијата, во организација на Филозофското друштво на Македонија и Институтот за филозофија, и ќе биде отворен за јавноста.

е-Трн да боцка во твојот инбокс