Последните 76 единки од загрозената популација на таканаречените јужни резидентни орки пристигнале во септември во морето Салиш, на северозападот на Северна Америка. Секоја година оваа група китови влегува во теснецот Адмиралти и се движи кон заливот Пјуџет Саунд, во американската сојузна држава Вашингтон, во потрага по кралски лосос.
Но, густите поморски сообраќајници создаваат силна подводна бучава, која им го отежнува ловот и комуникацијата, а ги изложува и на опасност од судири со бродови, пишува Си-ен-ен.
Загрозена популација под постојан притисок
Научниците дури во 1970-тите утврдиле дека овие орки, кои се хранат исклучиво со риба, генетски се разликуваат од побројната популација на таканаречените Бигови орки. При првото пребројување во 1974 година биле регистрирани само 71 единка. Популацијата го достигнала врвот во 1996 година, кога биле избројани 97 орки, но до 2001 година бројот се намалил на 79. Во 2005 година јужните резидентни орки официјално биле прогласени за загрозен вид.
„Подводната бучава претставува постојана закана. Кога е бучно, на орките им е потешко да пронајдат храна. Се случува да тргнат во лов и да го промашат пленот, со што само трошат енергија без резултат“, објаснува Рејчел Аронсон, директорка на програмата „Квајет Саунд“, иницијатива за поттикнување поодржливи поморски практики.
Таа предупредува дека понекогаш бучавата ги принудува целосно да се откажат од ловот, што е особено опасно за женките кои се подготвуваат за бременост или веќе дојат.
Студија од 2024 година покажала дека со секој дополнителен децибел на максималната бучава веројатноста женките да тргнат во лов се намалува за 58 отсто, додека успешноста на ловот кај двата пола опаѓа за 12,5 отсто.
Побавни бродови и пловки со вештачка интелигенција
Бидејќи економијата на сојузната држава Вашингтон во голема мера зависи од трговијата, усогласувањето на интересите на поморската индустрија со заштитата на природата е сложена задача. Организацијата „Квајет Саунд“ во 2022 година, по примерот на канадската програма „Ехо“, вовела доброволна програма за намалување на брзината на бродовите на делница долга 20 милји, која води кон најголемите пристаништа во регионот – Сиетл, Такома и Еверет.
Побавното движење на бродовите создава помалку подводна бучава. Според Аронсон, во програмата учествуваат 73 отсто од бродовите, а бучавата под водата е намалена за 50 отсто.
Сепак, прецизното следење на локацијата на орките останува предизвик. Затоа „Квајет Саунд“ започнала соработка со компанијата „СМРУ Консалтинг“ и „Мајкрософт“ за поставување акустична пловка опремена со вештачка интелигенција.
„СМРУ Консалтинг“, компанија произлезена од британскиот Универзитет „Сент Ендрус“, развива паметни пловки од 2014 година. Нејзиниот извршен директор Кормак Бут вели дека технологијата овозможила значително побрза обработка на податоците.
„Целта денес е да обезбедиме сигурни информации за настаните во реално време, за луѓето да можат веднаш да донесуваат одлуки“, вели Бут.
Во јули 2025 година, „СМРУ“ и „Мајкрософт“ започнале партнерство за да тестираат дали вештачката интелигенција може да ги препознава звуците на орките од пловка поставена под вода.
„Подводното следење создава многу повеќе звучен материјал отколку што човек може рачно да прегледа. Вештачката интелигенција најмногу помага во брзината со која може да се обработи толкаво количество податоци“, објаснува Хуан Лависта Ферес од „Мајкрософт“.
Пловката користи систем за вештачка интелигенција на компанијата, наречен „Вотер Спароу“, кој бил лансиран во 2024 година.
Тестирањето треба да овозможи предупредувања во реално време
Комуникациско-акустичната пловка била поставена во јули во теснецот Харо, покрај границата меѓу САД и Канада.
„Ова е област во која можеме да постигнеме најмногу за спасување на јужните резидентни орки“, изјавил Џејсон Вуд, главен научник во „СМРУ Консалтинг“.
Пловката има три хидрофони и истовремено ги тестира системот за вештачка интелигенција на „Мајкрософт“ и постојниот систем за анализа на „СМРУ“. Според Ферес, досегашните резултати се охрабрувачки, а бројот на лажни позитивни сигнали е намален на прифатливо ниво.
Поради ризикот од лажни тревоги, пловката сè уште не испраќа податоци до системот за предупредување на поморските екипажи (ВРАС). Сепак, тоа би можело наскоро да се промени.
Со системот управува организацијата „Оушн Вајз“, која испраќа СМС-предупредувања до капетаните кога нивните бродови ќе се најдат на растојание помало од 10 наутички милји од локацијата на орка.
„Сакаме поморските екипажи да имаат информации во реално време. На големите бродови им требаат и до пет милји за да ја намалат брзината, затоа е клучно информациите да бидат достапни на ниво на целиот регион“, вели Аронсон.
Вуд додава дека секој метод за откривање има свои ограничувања, но се надева дека вештачката интелигенција ќе овозможи поврзување на податоците од хидрофоните, термалните камери и пријавите од теренот, со што следењето ќе стане поефикасно.
Една од целите на проектот е подобро да се разберат сезонските обрасци на движење на орките, но и софтверот „Вотер Спароу“ да стане достапен како софтвер со отворен код, за да може да се користи и во други проекти.
„Со оглед на критичната состојба на популацијата, прашањето не е дали овие пловки со вештачка интелигенција ќе почнат пошироко да се применуваат, туку кога. Опстанокот на овие орки зависи од тоа“, заклучува Ферес.
