Турски суд одреди притвор за поранешната министерка за семејство и социјална политика и висока функционерка на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), Фатма Бетуел Сајан Каја. Одлуката е донесена во рамките на истрагата за финансиската криза што ги погоди инвестициските фондови во Турција, пренесува „Ројтерс“.
Каја ја напушти партијата откако во септември поднесе оставка од функцијата потпретседателка. Претходно, опозициски политичар ја обвини дека остварила огромен профит од тргување со акции непосредно пред кризата, која предизвика масовна распродажба на берзата.
Каја беше министерка за семејство и социјална политика во периодот од 2016 до 2018 година. Според турската новинска агенција „Анадолија“, таа се товари за „кршење на законот за пазар на капитал“ и „членство во организација формирана со цел вршење кривични дела“.
Истрага за повластени информации и тргување со акции
Притворот следува по истрагата што ја спроведува одделот за истражување перење пари при Главното обвинителство во Истанбул. Нејзиниот сопруг, Илјас Каја, е пуштен на слобода, но му се изречени мерки на претпазливост, меѓу кои и забрана за напуштање на земјата.
Обвинителството тврди дека Каја поседувала повластени информации што можеле да влијаат врз цената или вредноста на финансиските инструменти на пазарот на капитал. Според официјалните информации што ги пренесува „Анадолија“, таа била во контакт со Емре Тезмен, поранешен директор на една од компаниите за управување со имот што се наоѓаат во центарот на скандалот.
Во септември, портпарол на главната опозициска партија изнесе тврдења дека брачната двојка Каја заработила околу 2,17 милијарди турски лири, односно 38,64 милиони евра, преку продажба на инвестиции во вкупна вредност од 163 милиони лири, или околу 2,9 милиони евра.
Акциите поскапеле од 220 на 4.980 лири
Поголемиот дел од инвестициите се однесувале на акции во бродоградилиштето „Озата Денизчилик“, купени во април годинава. На почетокот на април, акциите на компанијата се тргувале по цена од околу 220 лири. До 15 септември, непосредно пред нарушувањата во секторот на инвестициски фондови, нивната вредност пораснала на 4.980 лири.
Сомнежите за манипулации со цените на акциите со кои ретко се тргувало предизвикале криза на ликвидноста. На 16 септември тоа довело до остар пад на вредноста на акциите на берзата. Обвинувањата против поранешната министерка се предмет на истрага, а наводите за профит од тргувањето со акции досега се изнесени од опозицијата.
