Приведен мажот кој сред бел ден ја нападна сопругата во Скопје

Полицијата го приведе 48-годишниот маж од Велес кој претходно беше пријавен дека физички ја нападнал сопругата сред бел ден во Скопје. Според МВР, насилството продолжило и по враќањето во нивниот дом во Велес, каде тој повторно ја нападнал сопругата и ѝ се заканувал со остар предмет.
Screenshot: X

Министерството за внатрешни работи соопшти дека е приведен мажот за кого претходно беше пријавено дека извршил семејно насилство сред бел ден во Скопје, случај за кој јавноста дозна откако сведоштво беше објавено на социјалните мрежи.

Станува збор за 48-годишниот Џ.Б. од Велес. Според МВР, откако тој и неговата 43-годишна сопруга се вратиле во нивниот дом, мажот повторно физички ја нападнал сопругата и нивната малолетна ќерка.

Од полицијата информираат дека тој им упатувал закани со остар предмет. По брза и координирана реакција на полициските службеници од СВР Скопје и СВР Велес, мажот бил лишен од слобода во 21 часот.

Остриот предмет бил пронајден и одземен, а осомничениот бил задржан во полициска станица.

За случајот се известени јавен обвинител и Центарот за социјална работа Велес. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Од МВР апелираат граѓаните доколку се сведоци или жртви на семејно насилство, веднаш да го пријават случајот во полиција или до надлежните институции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс