Западен Балкан чекор поблиску до роаминг без дополнителни трошоци во ЕУ

Европската комисија ги отвори преговорите за вклучување на шесте земји од Западен Балкан во режимот „Роаминг како дома“. Ако процесот успешно заврши, граѓаните ќе можат да телефонираат, да испраќаат пораки и да користат мобилен интернет во ЕУ без дополнителни роаминг-надоместоци.

Граѓаните на Северна Македонија и на уште пет земји од Западен Балкан се чекор поблиску до користење мобилни услуги во Европската Унија без дополнителни роаминг-трошоци. Европската комисија официјално ги отвори преговорите за вклучување на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија во европскиот режим „Роаминг како дома“.

Иницијативата ја најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината посета на Западен Балкан во октомври. Со неа треба да се овозможи патниците меѓу ЕУ и земјите од регионот да ги користат мобилните услуги под исти услови како во својата матична мрежа.

Што ќе значи ова за граѓаните?

Ако преговорите завршат успешно и се исполнат потребните услови, корисниците ќе можат да остваруваат телефонски повици, да испраќаат СМС-пораки и да користат мобилен интернет без дополнителни роаминг-надоместоци при патување меѓу Европската Унија и земјите опфатени со иницијативата.

Во моментов се водат билатерални преговори со партнерите од регионот. Откако ќе бидат склучени договорите и земјите ќе ги усогласат своите правила со европската регулатива за роаминг, Европската комисија ќе побара од Советот на Европската Унија официјално да го прошири опфатот на европскиот роаминг-режим.

Тоа значи дека укинувањето на дополнителните трошоци сè уште не е стапено во сила, туку зависи од завршувањето на преговорите и исполнувањето на условите.

Усогласување со европските правила

Советот на ЕУ уште во јуни годинава ги одобри преговорите за проширување на програмата „Роаминг како дома“ со земјите од Западен Балкан. Предвидените договори ќе се темелат на постојните договори за стабилизација и асоцијација, со кои се поддржуваат стабилноста, економската интеграција и поблиската соработка на регионот со Европската Унија.

Пред да бидат вклучени во европскиот роаминг-режим, земјите кандидатки ќе треба целосно да ги преземат европските правила за електронски комуникации и да обезбедат целосна независност на националните регулаторни тела.

Усогласувањето ќе бара законодавни промени и работа на институциите во регионот, но според Европската комисија, тоа ќе обезбеди и повисоко ниво на заштита на потрошувачите и постабилен телекомуникациски пазар.


Покрај платниот промет и дигиталните услуги, телекомуникациите се препознаени како сектор во кој интеграцијата може релативно брзо да се спроведе и да донесе непосредни општествени и економски придобивки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс