Климатскиот самит COP31 почнува денеска во турскиот град Анталија и ќе трае до 20 ноември. Турција е домаќин, а преговорите ги води Австралија. Ваков аранжман досега немало, а двете земји го договорија откако и двете конкурираа за организација на самитот. Македонија на конференцијата пристигнува со обврска да се откаже од јагленот до 2030 година, иако најголемиот дел од електричната енергија во земјата и натаму се произведува во РЕК Битола.
Формалните преговори овојпат немаат многу крупни точки, па во центарот на вниманието се доброволните ветувања. Домаќините ја промовираат електрификацијата, односно замената на технологиите што директно согоруваат фосилни горива, како дизел-возилата и греењето на гас, со електрични алтернативи. Нивната главна иницијатива предвидува државите доброволно да го зголемат уделот на електричната енергија во вкупната потрошувачка на енергија од сегашните околу 20 на 35 отсто до 2035 година. Според нив, тоа би ги намалило емисиите и зависноста од скапиот увоз на нафта и гас, што стана особено важно по енергетскиот шок предизвикан од војната на Блискиот Исток.
Постепеното напуштање на фосилните горива формално не е на дневниот ред. Обидите да се постигне договор за конкретни цели запреа, па од Бразил, домаќинот на минатогодишниот самит, се очекува да објави доброволна патна карта за транзиција од јаглен, нафта и гас кон почисти извори на енергија. Годинава околу 60 земји што се залагаат за побрзи чекори одржаа сопствена конференција надвор од процесот на ОН, а незадоволството од застојот би можело повторно да дојде до израз во Анталија.
За Македонија оваа расправа е особено конкретна. РЕК Битола учествува со речиси две третини во вкупното домашно производство на електрична енергија. Државата беше прва на Западен Балкан што се обврза целосно да се откаже од јагленот до 2027 година, но тој рок подоцна беше поместен на 2030 година. Националниот климатски придонес предвидува до 2030 година емисиите на стакленички гасови да се намалат за 51 отсто во однос на 1990 година, односно за 82 отсто кога станува збор за нето-емисиите. Во април Владата го усвои и Интегрираниот национален план за енергија и клима за периодот од 2025 до 2030 година, кој содржи 61 мерка.
Бројките покажуваат и одреден напредок. Во 2024 година, 40 отсто од потрошената електрична енергија во земјата потекнувала од обновливи извори, што е речиси осум процентни поени повеќе отколку претходната година. Еден од примерите е Битола, каде што на исцрпените површини од рудникот се градат соларни централи. Проектот „Битола 3“, за кој Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и германската развојна банка КфВ обезбедија 87 милиони евра, треба годишно да произведува 180,9 гигават-часови електрична енергија и да ги намали емисиите на јаглерод диоксид за околу 134.000 тони. Синдикатите, сепак, предупредуваат дека работниците во битолската централа сè уште немаат јасна претстава за својата иднина по нејзиното затворање.
Климатската криза за македонските граѓани не е апстрактна тема. Летово Владата прогласи 30-дневна кризна состојба на целата територија на државата поради високата опасност од пожари, а само во пожарот кај Чучер-Сандево во септември изгореа 350 хектари. Со почетокот на грејната сезона се враќа и проблемот со загадениот воздух, кој е непосредно поврзан со темите на самитот. Согорувањето на биомасата учествува со 90 отсто во вкупното загадување со ПМ10-честички, а речиси половина од домаќинствата во Скопската Котлина се греат на дрва, јаглен, пелети или брикети.
Институтот за јавно здравје во последниот извештај процени дека загадениот воздух бил причина за 2.974 смртни случаи во периодот од 2022 до 2024 година, што претставува 14,3 отсто од вкупниот број починати. Просечната концентрација на ПМ2,5-честичките на градските мерни станици во 2025 година изнесувала 23,1 микрограм на кубен метар. Тоа е повеќе од четирипати над годишната гранична вредност што ја препорачува Светската здравствена организација. Европската гранична вредност, која сега изнесува 25 микрограми на кубен метар, до 2030 година треба да се намали на 10, а македонските градови засега се далеку и од таа цел.
